Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање на денешниот митинг во Струмица во рамките на претседателската кампања одговори на повикот на Стево Пендаровски за ТВ ДУЕЛ, за што рече дека Пендаровски откако ќе ги изгуби изборите ќе треба да ја добие довербата на делегатите на СДСМ за претседател на партијата, па после да бара дуел.
„Откако имав дуел со Ковачевски, а после дуелот јадниот Ковачевски не знаеше вратата да си ја најде од Канал 5 телевизија каде што бевме, сега му текнало на Пендаровски да бара дебата со мене, може ќе му текне и на Зечевиќ Миле и на Маричиќ Бојан, може и на оној Јово Деспотовски кој што е претседател на СДСМ во најава. Јас немам проблем од дуели и дебати, но за да Стево ја добие таа чест да имаме дуел и дебата, најпрвин треба откако ќе ги изгуби изборите на 8 мај, да ја добие довербата на делегатите од СДСМ и да стане претседател на СДСМ, а СДСМ најголема опозициска партија, што се сомневам дека ќе биде после овие избори на 8 мај и тука повторно да излаже, затоа што нели рече еднаш дека ако не е претседател, тогаш и тој ќе се исели од Македонија. Сега и тоа ќе го излаже, ама добро еве ќе му простиме бидејќи е претседател во најава во СДСМ и тој тогаш може да седнеме и да дебатира со идниот премиер на Македонија и да зборува каква е состојбата во Македонија“, потенцираше Мицкоски и додаде дека пред да дојде до таа точка Пендаровски треба да и се извини и на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова за навредите што ги упати кон неа, но и да престане да биде измеќар на Али Ахмети и Артан Груби.
„Сега Стево Пендаровски што треба да направи за да дојде до таа чест и таа улога? Најпрвин треба да престане да изигрува балкански мачо маж, да навредува дама со голем кредибилитет, со голем авторитет како што е професорката Гордана Силјановска Давкова, да кажува дека не ја видел и да се извини. Треба да излезе и да се извини за тоа што се служи со навреди, а потоа наместо да биде маж којшто навредува дама, да престане да биде измеќари на Артан, Али и останатите. Барем по нешто паметно да го запаметиме овие 5 години и да престане да биде слуга на Али и да коленичи во Мала Речица“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека нема намера понатаму во кампањата да се занимава со Пендаровски и дека граѓаните треба да му помогнат на истиот за на 24 април да си ги спакува куферите и на 8 мај да се исели.
„Во понатамошниот дел од кампањата немам намера да се занимавам со Стево Пендаровски бидејќи тој секако вчера во Делчево кажа, запамтете го добро и ниту еден граѓанин во Македонија не смее да го заборави тоа. Ако не го гласате, очи не сакал да ви види. Тоа го кажа вчера Стево Пендаровски. Ако не ме гласате очи не сакам да ви видам и нема да ви дојдам во вториот круг. Ќе дојде овде во Струмица и потсетете го. Ако не го гласате дали ќе сака да ви ги виде очите? А не прашува дали вие сакате очите да му ги видите. Ајде да помогнеме на 24 април да си ги спакува куферите и на 8 мај да замине“ рече Мицкоски.