Заеднички сајбер-одбранбен систем за сите проевропски земји предложи премиерот Еди Рама на еден од панелите на мировниот форумот во Париз, каде што беше поканет да зборува за иранските хакерски напади во Албанија, јави Топ чанел.
– Во нашата земја претрпевме голема промена бидејќи имаме повеќе од 1000 онлајн услуги. Факт е дека бевме нападнати од Иран и целиот систем падна. Она што го научивме од сето ова е дека ЕУ треба сериозно да размисли за изградба на заеднички сајбер-одбранбен систем бидејќи колку подолго овие системи остануваат одвоени, толку тие стануваат поранливи. Од друга страна имајќи заеднички одбранбен систем колку повеќе се обидуваш да нападнеш една земја или друга, толку потешко би било зашто се соочувате со една асамблеја на земји, рекол Рама.
Ваквите виртуелни војни, според Рама, не можеш да ги добиеш сам.
-Тоа е вистинска војна што се случува на овој простор, па затоа е важно да се знае какво оружје користи противникот, а да се има заедничко знаење е многу подобро отколку да се знае поединечно, смета тој.
За време на овој форум, Еди Рама ќе даде предлог од три точки за конфликтот Израел-Хамас кој го потресе Блискиот Исток и целиот свет.
-Планот на шефот на албанската извршна власт предвидува прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа, ослободување на заложниците и повлекување на војниците на еврејската држава од зоната на конфликтот, наведува Топ чанел. (МИА)