Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа изјави дека мора да се избегнат какви било чекори што ќе ја влошат војната во Украина и евентуално ќе го пренесат конфликтот во НАТО, додавајќи дека тој ќе биде домаќин на рускиот претседател Владимир Путин по изборите подоцна овој месец.
Турција, членка на НАТО, го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но одржува и добри односи со Русија и редовно разговара со двете страни во конфликтот. Таа обезбеди воена и политичка поддршка за Украина, но исто така се противи на санкциите против Москва.
-Ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, но веќе рековме дека мировните планови што ја исклучуваат Русија нема да дадат никакви резултати, рече Ердоган, мислејќи на планираниот мировен самит за Украина што ќе се одржи во Швајцарија подоцна оваа година, на кој Русија нема да учествува.
„Ние веруваме дека мора да се избегнат чекори кои би ги влошиле конфликтите во регионот и кои би се прошириле во НАТО“, додаде тој.
Говорејќи на собирот за одбележување на почетокот на Рамазан со странските амбасадори во Анкара, Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да работи на заживување на Црноморскиот договор за жито.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Истанбул минатата недела, а Ердоган понуди да биде домаќин на украинско-рускиот мировен самит. (МИА)