Европскиот парламент донесе одлука за одземање на пратеничкиот имунитет на четворица полски европратеници, со што се отвора патот за нивно гонење поради „поттикнување омраза против мигрантите преку Интернет“.
Четворицата европратеници, Беата Мазурек и Томаш Пореба од десно популистичката и национал-конзервативна партија Право и правда (ПиС) и Беата Кемпа и Патрик Јаки од екстремно десничарската Суверена Полска (СП), се осомничени за извршен „расистички прекршок на полска територија“, поради споделување на видео на социјалните мрежи поврзано со мигрантите од Блискиот Исток за време на кампањата за локалните избори во Полска во 2018 година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, мнозинството европратеници гласаа за одземање на имунитетот на четворицата нивни колеги на предлог на Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент.
Имунитетот на европратениците им е укинат врз основа на тужбата покрената против нив од страна на основачот на полскиот Центар за мониторинг на расистички и ксенофобични однесувања (ОМЗРиК), Рафал Гавел. Полските судови претходно во два наврати ги одбиваа тужбите покренати од Гавел, но во ноември 2021 конечно Окружниот суд во Варшава пресуди дека обвиненијата се основани, но дека не може да им се суди на европратениците поради тоа што имаат имунитет.
Во реакција на решението на ЕП, европратеничката Кемпа оцени дека станува збор за „политичка“ одлуката, чија цел е одмазда.
– Имам порака особено за младите. Бидете внимателни затоа што ако нешто ви се допадне и го споделите, а на некој криминалец или ваш сосед не му се допаѓа, може да ги трпите истите последици како и ние и ќе треба да одговарате пред судот, изјави Кемпа, додавајќи дека секогаш ќе се залага за слобода на говорот.
Нејзиниот колега Јаки, пак, обвини дека ЕУ се обидува да наметне „комунистичка европска држава“.
На одлуката на ЕП со објава на социјалните мрежи реагираше и членот на Кабинетот на полскиот премиер во заминување Матеуш Моравјецки, Михал Војцик, кој оцени дека четворица европратеници од Полска го загубиле имунитетот „затоа што нешто им се допаднало на Фејсбук“.
– Нема повеќе слобода, мислам дека сите се свесни за тоа. Не ја исклучувам можноста Европа да ја зафати модерна „пролет на нациите“ и таа да ја збрише штетата што ни ја нанесоа т.н. демократи, наведе Војцик.
Од друга страна, европратеникот од полската партија Левица, Лукаш Кохут изрази задоволство од одлуката на Европскиот парламент.
– Ги следам профилите на социјалните мрежи на Беата Кемпа и Патрик Јаки и она што тие го објавуваат често е навредливо, особено во однос на бегалците. Јавните личности не треба да лајкуваат, ниту да шират расистичка содржина, бидејќи со тоа прават таа содржина да дојде до поголем број луѓе, истакна Кохут.
Инаку со тужбата на Гавел, покрај четворицата европратеници, опфатени се уште осуммина полски политичари од досегашното владејачко мнозинство, меѓу кои и актуелните министри за одбрана и за култура, Мариуш Блашчак и Пјотр Глињски. За нивниот имунитет треба да одлучува новиот состав на полскиот Парламент, чија конститутивна седница е закажана за в понеделник.
Гавел, пак, од своја страна, во Полска е осуден за „финансиска проневера“ и по него полската полиција има распишано потерница. Тој во октомври 2020 година доби политички азил во Норвешка. (МИА)