Родителите на малите деца често имаат дилеми пред себе. Соочени со проблеми со говорот, задоцнето прозборување, проблем со изразување….
Да се побара помош или да се чека? Ако се чека колку долго за да не биде предоцна? Дали на оваа возраст моето дете треба да биде понапредно во говорот или не?
За овие прашања КУРИР одговор побара од логопедот Сандра Панајотовиќ.
Таа прво ни ги објасни фазите на раниот говорен развој. Истите треба да ги знае секој родител.
Фаза 1.
Од раѓање до 5 месеци
Бебето може да вокализира задоволство или пак незадоволство. Може да произведе гласови кога му се обраќаме односно му зборуваме.
Фаза 2.
Од 6 до 11 месеци
Во оваа фаза започнува баблингот односно гугањето, бебето го разбира значењето на зборот не , може да каже мама или тата без да има значење зборот. Тука се јавуваат и гестовите со кои детето пробува да комуницира.
Фаза 3.
Од 12 до 17 месеци
Децата во оваа фаза одговараат невербално на едноставни прашања, кажуваат 2 до 3 збора каде што артикулацијата може да биде неправилна, нивниот вокабулар изнесува 4 до 6 збора.
Фаза 4.
Од 18 до 23 месеци
Тука вокабуларот се зголемува на околу 50 зборчиња и во оваа фаза се јавува ономатопејата односно имитација како животните ги произведуваат звуците.
Фаза 5.
Од 2 до 3 години
Детето ги учи личните заменки, предлозите, прилозите, придавките и употребуваат 3 збора за формирање на реченица.
Фаза 6.
Од 3 до 4 години
Тука детето ги идентификува боите, поголемиот број на гласови му се правилно артикулирани, околината го разбира неговиот говор, знае да изјавува емоции и одговара на едноставни прашања.
Фаза 7.
Од 4 до 5 години
Во оваа фаза детето ги има правилно усвоено сите гласови, неговите цртежи добиваат значење и знае истите да ги опише.
Кога ни беше објаснето сето ова, го поставивме и клучното прашање: Кога треба да се побара помош од логопед?
-Доколку детето видно доцни во јазичното изразување, од наведените фази.
-Кога детето воопшто не зборува.
-Кога има отстапки во изговор на одредени гласови.
-Кога детето пелтечи или пак има брз или бавен говор.
-Кога говорот е неразбирлив за слушателите.
-Кога се јавуваат промени во гласот.
-Кога детето нема способност да владее со комуникативни вештини и секако кога има потешкотии во читањето и пишувањето.