Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека тој и доставил на својата влада резолуција со која се отфрла едностраното прогласување на палестинска држава како одговор на наводниот американски план да одреди „цврст рок“ за создавање на Палестина.
Нетанјаху им порача на министрите да го потпишат документот „во светло на изјавите што неодамна се слушнаа во меѓународната заедница за обидот еднострано да му се наметне палестинска држава на Израел“.
„Израел целосно ги отфрла меѓународните диктати за трајно спогодување со Палестинците. Такво решение може да се постигне само со директни преговори меѓу страните без предуслови“, се наведува во резолуцијата, пренесуваат израелските медиуми.
Во документот се најавува дека „Израел ќе продолжи да се противи на едностраното признавање на палестинска држава“.
Дополнително, се проценува дека ваквото признание по масакрот на 7 октомври би било „голема награда за тероризмот, награда без преседан и би спречила каков било иден мировен договор“.
Велика Британија, САД и другите западни земји ја поддржаа идејата за независна палестинска држава, но рекоа дека палестинската независност треба да биде дел од решението со преговори.
Нетанјаху постојано ја отфрла можноста за создавање независна палестинска држава по војната против Хамас.