Плочата на која беше прикажана карта на „голема Албанија“ лоцирана пред меморијалниот центар во Сопот, е отстранета, јави Сител телевизија.
Како што јави телевизијата, вклучувајќи се во живо од Сопот, пред објектот е останат само каменот на кој била закачена мермерната плоча со спорната карта.
Викендов во кумановското село Сопот беше отворен музеј во рамки на меморијалниот комплекс кој е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. На настанот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потоа на Фејсбук објави фотографии од музејот, а под нив напиша:
„Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици и маченици на нацијата!“