Мафијашкиот шеф Роберто Макарела, баран за убиство, е уапсен во луксузна вила на брегот Амалфи по повеќе од една година бегство. Макарела (48) се смета за моќна фигура во рамките на неаполската Камора и беше на листата на најопасните италијански бегалци, пишува Би-Би-Си.
Италијанските карабинери изјавија дека Макарела избегал во јануари минатата година, кратко пред да биде уапсен по обвинение за убиство. Тој бил уапсен во градот Виетри сул Маре, а во времето на апсењето бил со сопругата и двете деца и не се спротивставил.
Во операцијата биле вклучени и бројни патролни чамци, кои го обезбедиле пристапот од морето. Карабинери објавиле и снимки на кои се гледа влегувањето на тешко вооружени полицајци во вилата. Според италијанската новинска агенција Анса, бегалецот живеел на имотот под лажно име. Полицијата таму пронашла три луксузни часовници, околу 20.000 евра во готово, лажни документи и неколку мобилни телефони.
Кланот Макарела е познат по својата вмешаност во фалсификување пари во Неапол, град кој долго време се поврзува со таков вид криминал. Минатиот месец, полицијата приведе 16 лица осомничени за врски со кланот Макарела под обвинение за интернет измама.