Едно лице е убиено, а 47 повредени за време на навивачкиот собир на јужната трибина на стадионот „Алехандро Вилануева“ во Лима, пред фудбалското дерби помеѓу Универсидад де Депортес и Алијанза Лима, соопштија властите.
Инцидентот се случил вчера околу 18 часот за време на навивачкиот собир познат како „бандеразо“, кога навивачите на Алијанза Лима мавтале со знамиња на стадионот познат како Матуте, во областа Ла Викторија, објави порталот „Инфобае“.
Според првичните извештаи, структура се урнала во близина на портата 13, но бригадниот генерал Маркос Пахуело од противпожарната служба негираше дека трибината претрпела структурни оштетувања.
Според него, инцидентот најверојатно е предизвикан од туркање меѓу навивачите што довело до гужва,
„За жал, има еден смртен случај. Националната полиција истражува што се случило“, рече Пахуело, додавајќи дека инспекцијата на стадионот не покажала знаци на уривање или паѓање од трибините.
Тринаесет противпожарни единици за спасување и осум екипи на брза помош беа испратени на местото на настанот за да им помогнат на повредените.
Петнаесет лица беа однесени во Националната болница „Архиепископ Лоиза“, а уште 15 во Националната болница „Дос де Мајо“, додека другите здравствени установи беа ставени во состојба на готовност.
Перуанскиот министер за здравство, Хуан Карлос Веласко, изјави дека повредените претрпеле претежно трауматски повреди и дека сите ќе добијат медицинска нега во рамките на националното здравствено осигурување.
Полицијата го обезбеди просторот околу стадионот и започна истрага за да се утврди точната причина за инцидентот.