Рекордно е зголемен данокот на имот оваа година во Општина Карбинци, по спроведените репроценки и проширувањето на основите за оданочување, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Карбинци Виктор Паунов. Тој истакна дека Општината навремено ја завршила обврската за генерирање решенија. Според него, очекуваната наплата е зголемена за четирипати во однос на минатата година. Општината веќе ги чувствува бенефитите од ваквиот тренд.
-Заклучно со рокот за доставување, односно генерирање на решенија за данок на имот, Општина Карбинци оваа година си ја врши сопствената обврска, онака како што треба, затоа што самиот облак на генерирање на даноци на имот по разни основи, оваа година е рекордно зголемен, пред се поради фактот што Општината започна пред извесно време постапка за репроценки на данок на имот на територија на Општина Карбинци. Најголем дел поради фактот што инвестициите се во делот на енергетскиот сектор, оваа година прв пат се предмет на даночење и Општината го чувствува веќе овој бенефит од истите-рече Паунов.
Тој истакна дека и минатата година Општината остварила 100 проценти наплата на данокот на имот. Доколку се задржи истиот процент и годинава, тоа ќе значи дополнителни приходи во буџетот и подобра реализација на општинските финансии.
-До претходната година успеавме 100 проценти да ги наплатиме овие обврски, а оваа година очекувам доколку имаме слична или иста реализација на процентот на напалта, тоа да значи дополнително приходи во буџетот на Општина Карбинци и да имаме поинаква даночна слика, кога е во прашање и прибирање средства, но и реализација на буџетот-рече Паунов.
Тој нагласи дека целта е процесот да се одвива со прифатлива динамика, а придобивките да се вратат кај граѓаните преку нови проекти.