Просто е несфатлива леснотијата со која лидерот на СДСМ, Венко Филипче, креира програма за настап на парламентарни избори во обид да врати барем дел од целосно разочараното гласачко тело. Од предлог платформа како основа за новата програма, што требаше да го види светлото на денот на партискиот конгрес на 7. јуни, за 36 часа истата волшебно се претвори во предизборна програма со таксативно наведени 100 точки за привлекување на гласачите.
Што е тоа што го натера Филипче да не го чека 7. јуни, па на врат – на нос да срочи текст со кој ќе ја спасува Македонија?
Како тоа од – ќе ги слушнеме предлозите на граѓаните и заедно ќе изготвиме програма, дојде до готов документ за рекордно време. Оваа политика на леснотија која го карактеризира ова СДСМ изгледа се уште не дошла до критичниот момент кој ќе придонесе партијата да исчезне. А, моментот се ближи. Не залудно екс функционери, поддржани од пратеници на СДСМ во илегала му подготвуваат „свилен конец‘‘ на Филипче.
Зошто илегала и зошто толкава тајност?
Затоа што видоа што се случува со секој кој ќе се обиде не да критикува, туку само да каже дека не се согласува со безгрешниот лидер. Тоа го видоа и Костадин Ацевски и Јован Деспотовски и Петре Шилегов. Тоа го видоа и сите назначени од Филипче раководни кадри, кои ги менува како да игра шах. Всушност само ги менува како фигури, се со цел да не доживее мат.
Затоа и ги држи на таблата Фрчковски јуниор со своето наркоманско педигре, и Чупеска чудо над чудата, и Фани Сорос и неостварениот дипломат Жерновски кој не знае што значи акронимот НАТО, а треба да ја одржува врската помеѓу светот и СДСМ отворена!
Оти поразот ќе боли. Ќе го боли Филипче, но и Заев, кој како секундант му кажува како да ги размеша фигурите. Ќе го боли и екс советникот, естрадниот мешетар Башановиќ и неговиот пајташ, оти нема да ги оправдаат милионите земени за креирање на ПР стратегијата со лаги која не наоѓа погодно тло меѓу македонските граѓани.
Моментот кога „илегалците“ од СДСМ ќе излезат во јавноста тогаш ќе биде доцна за разговори и преговори. Тогаш ќе бидат сигурни дека Филипче и Заев повеќе нема да одлучуваат. Тогаш ќе има едно решение, Филипче и неговата булумента да исчезнат од како што се нарекуваат „државотворната партија“.
Затоа промовирањето на новата програма повеќе изгледа на „очаен партиски абортус“, отколку на здрав, цврст и што е најважно, веродостоен и кредибилен документ кој нема да ги содржи лагите на Филипче и Заев. Да, истиот тој Заев кој се колнеше и со срце и со дишење и со рачето на гради. Море се колнеше во се живо и диво само да го смени името! И следните чекори на неговата и на другите влади на СДСМ во континуитет во тие 6-7 години ги карактеризираше лагата. Лаги за Дубаи, лаги за Халкидики, лаги за жртвите во модуларната болница во Тетово, лаги за сите модуларни болници, лаги за вакцините, за респираторите, лаги за пензионерите, наставниците, земјоделците. ЛАГИ ЗА СИТЕ!
И кога Филипче гордо ќе најави дека ќе воведе данок на луксуз, прашањето е за кого? Данок на луксуз за себе – за имотот на Водно или скапиот теренец од стотина илјади евра? Или можеби данок на луксуз за менторот Заев – за целото богатство што го стекна врз грбот на државата и граѓаните? Данок на луксуз за сите бандити од претходната влада и од СДСМ и од ДУИ кои се нафатираа за 5 генерации, па и повеќе?
И интересно е, колкумина пензионери ќе поверуваат дека ќе им ги зголеми пензиите за 50%? Колкумина од над 80% кои се радуваа на линеарното зголемување на пензиите, кое видливо им го подобрува стандардот?
Ќе му поверуваат ли наставниците во основно и средно со плата од 30 илјади денари, која сега е во рамките на просекот, а до 2028. година ќе порасне за 40%? За разлика од конкретни бројки Филипче гордо наведува – РЕДОВЕН РАСТ НА ПЛАТИТЕ! Но, по терк на СДСМ, ист каков (закон) што изгласа за минималната плата.
Или кој од работниците ќе му поверува за скратена работна недела. Во време на владите на СДСМ тоа беше баук тема, а за тогашниот премиер Заев приоритет беа реалистични мерки во македонската економија, и кој не беше подготвен за таков модел? Како одеднаш во главата на Филипче скратена работна недела станува реалност? Дали тоа значи дека владата на Мицкоски ја постигнала таа реалност за да се помине на таков модел?
И меѓу бројните ЛАГИ, програмската определба за „крај на партиските фирми – политичарите надвор од државните енергетски компании“. Ова и не треба да се анализира. Доволно е да се пребројат кривични пријави и лица за кои е издадена потерница од ,,НЕПАРТИСКИТЕ‘‘ кадри на СДСМ во енергетскиот сектор, заедно со РКЕ.
И Ѓаволот и Марковски и двајцата Васковци и бројните партиски послушници кои го цицаа македонскиот енергетски сектор, а парите ги криеја во ѕидови, во Бугарии и каде не.
ПС
Нема нова програма на СДСМ и Венко Филипче. Има стари лаги, завиткани и дотерани од Заев и Башановиќ, како овенати каранфили во скап целофан.