Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, денеска ги повика Соединетите Американски Држави да извршат притисок врз Киев за да започне спроведувањето на договорите постигнати во Енкориџ, Алјаска.
– Можеби откривам тајна, но токму тоа ги повикуваме нашите американски колеги да го направат. Тоа е она што е сега неопходно – изјави Ушаков пред новинарите, коментирајќи го застојот во имплементацијата на договореното меѓу Москва и Вашингтон.
Ушаков истакна дека Вашингтон изнел низа „интересни и корисни“ предлози за решавање на конфликтот во Украина, но додаде дека тие во моментов се неизводливи бидејќи не се спроведуваат во дело. Според него, Американците би можеле „многу лесно“ да влијаат врз Киев доколку постои вистинска волја за тоа.
Зборувајќи за довербата меѓу партнерите, помошникот на Путин беше дециден дека Русија во своите односи се потпира на принципот „верувај, но проверувај“. – Ако сакате да знаете кому му веруваме 100 отсто, ќе ви кажам: на себе – нагласи Ушаков.
Од почетокот на годината се одржаа три рунди трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неодамна потврди дека во моментов е настаната пауза бидејќи Вашингтон е фокусиран на други прашања. Москва очекува нова рунда разговори, но терминот и местото сè уште не се одредени.