За само седум недели од воведувањето на новата услуга, Општина Кисела Вода преку општинското Јавно комунално претпријатие „Кисела Вода 2022 – Скопје“ собра и правилно депонираше над 80 тони кабаст отпад. Оваа бројка е доказ за ефикасноста на проектот кој за првпат овозможува континуирано, а не сезонско подигнување на стариот мебел и крупен отпад. Најголем одзив за користење на оваа услуга досега е забележан во населбата Драчево.
Постапката за пријавување е едноставна. Граѓаните можат да побараат подигнување на стар мебел, врати, прозорци, душеци и друг крупен домашен отпад на телефонскиот број 070/288-897, секој работен ден од 8 до 15 часот. По извршената пријава, екипите на ЈКП пристигнуваат во рок од 24 до 48 часа и го преземаат отпадот кој треба да биде оставен пред домот или зградата. Целиот собран материјал потоа безбедно се транспортира и соодветно се депонира во ЈП „Дрисла“, согласно еколошките стандарди. Притоа, важно е да се знае дека оваа услуга која чини 1500 денари, е наменета исклучиво за кабаст отпад и преку неа не се подигнува градежен шут, електронски отпад, стари гуми, бои или хемикалии.
– Да соберете 80 тони кабаст отпад за неполни два месеци значи дека сте спречиле создавање на десетици диви депонии низ општината. Оваа бројка најдобро покажува што се случува кога на граѓаните ќе им понудите системско и континуирано решение. Правилното одложување и селекцијата на отпадот веќе не ги оставаме на случајноста. Совесното однесување на жителите кои масовно ја користат оваа услуга докажува дека сите сакаме чиста животна средина, но за тоа на граѓаните им беа потребни соодветни услови и опции за одложување на отпадот, кои сега како општина им ги обезбедуваме- потенцираше градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.