Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас изрази задоволство од играта во првото полувреме, но призна дека грешките во вториот дел се повторуваат често и тешко наоѓаше зборови за да го опише нашето издание на „Паркен“ во Копенхаген.
„Навистина е тешко да се зборува после ваков меч, ова не ни се случува првпат. Да не се залажуваме со некакви приказни, реалноста е сосема поинаква. Одигравме одлично во првиот дел, на моменти имавме и посед, добро се браневме во третата зона и делувавме дека сме сконцентрирани.
Долго време зборуваме дека во второто полувреме мораме да бидеме многу подобри, но мислам дека уште растеме како тим и не сме го достигнале нашето највисоко ниво. Имаме нов селектор, нов систем на игра, но тоа не е оправдување.
Долго време сме заедно, па и покрај тоа што имаме и нови играчи, мислам дека моравме да одиграме далеку подобро. Треба сите да созреваме. Искуството на Данска дојде до израз, имаат победнички менталитет. Не простуваат грешки, тоа се виде и на денешниот натпревар“, изјави Елмас.