Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека Германија може да помогне во обезбедувањето на каков било мир откако ќе се воспостави примирје во војната со Иран.
„Оваа војна е катастрофа за светските економии. Влијанието е апсолутно очигледно веќе сега по малку повеќе од две недели“, предупреди тој за време на состанокот со својот австралиски колега Ричард Марлес во главниот град Канбера.
Потребно е дипломатско решение „што е можно поскоро“, рече Писториус. Тој го упати тој повик пред сè кон Иран, но и кон Соединетите Американски Држави.
„Не сме биле консултирани претходно, никој претходно не нè прашал, ова не е наша војна и затоа не сакаме да бидеме вовлечени во таа војна, за да биде кристално јасно“, рече Писториус.
Зборувајќи кратко потоа во Националниот прес-клуб на Австралија, тој исто така го критикуваше пристапот на САД пошироко. „Нема стратегија, нема јасна цел и најлошото од моја перспектива е што нема стратегија за излез“.
Нестабилноста на Блискиот Исток би имала последици за целиот свет, додаде тој. „И затоа, ние сме подготвени да обезбедиме секаков мир“, рече министерот.
Писториус додаде дека доколку има прекин на огнот, Германија ќе разговара за секаков вид операција за обезбедување на мирот, особено за слободата на пловидба низ Ормуската Теснина. (МИА)