Пакистан му доставил на Иран пакет мировни предлози на САД, потврдија пакистански извори денеска, откако американските медиуми објавија дека Вашингтон презентирал план од 15 точки за тоа како да се стави крај на војната на Блискиот Исток.
Поголемиот дел од мапата на патот од 15 точки е фокусиран на нуклеарни прашања, но вклучува и ветување за укинување на трговските санкции против Иран, изјавија двајца пакистански функционери за ДПА.
Не беше веднаш јасно кога нацртот бил испратен до Иран и кој го примил, но официјални лица изјавија дека тоа се случило оваа недела.
Еден функционер рече дека американскиот предлог предвидува и заедничка контрола на Ормуската теснина преку поморска работна група составена од САД, Иран, Пакистан и некои земји од Персискиот Залив.
Ниту еден од функционерите не бил запознаен со какви било контрапредлози дадени од Иран.
Ова доаѓа еден ден откако премиерот на Пакистан изјави дека неговата земја е подготвена да биде домаќин на разговори меѓу САД и Иран за да се постигне ескалација и крај на тековната војна што ја започнаа Израел и САД на 28 февруари.
„Во зависност од согласноста на САД и Иран, Пакистан е подготвен и почестен да биде домаќин за да овозможи значајни и конечни разговори за сеопфатно решавање на тековниот конфликт“, рече Шехбаз Шариф во објава на „X“.
Понудата на Исламабад доаѓа во време на извештаи дека средба меѓу американски и ирански претставници би можела да се одржи во Пакистан оваа недела.
Иран досега ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дадени претходно оваа недела дека двете страни воделе „конструктивни разговори“ за крај на војната.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Галибаф, би можеле да ги предводат соодветните делегации на разговорите, според пакистанските претставници.