Европската комисија, поради нестабилноста на пазарот предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток, ги повика земјите членки да ја почнат сезоната на полнење на складиштата за гас на координиран и навремен начин и да се подготват за следната зима.
– Навремените и координирани подготовки се од суштинско значење за да се обезбеди правилно полнење на складиштата за гас за следната грејна сезона, адаптирање кон пазарните услови и примена на флексибилност – се наведува во соопштението на ЕК.
Во писмо испратено до сите министри за енергетика на ЕУ, комесарот за енергетика и домување, Дан Јоргенсен, потсети дека регулативата на Унијата за складирање гас им овозможува на земјите членки поголема флексибилност во постигнувањето на целите за полнење на резервоарите. Таа флексибилност, вклучително и можноста за намалување на целта за полнење или нејзино постигнување во подолг временски период под одредени услови, може да придонесе за намалување на побарувачката за гас во периоди кога понудата е ограничена и да го намали притисокот врз цените на енергијата во Европа.