Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп, ги нарече бесмислени наводите дека наводно ова лето ќе седне на клупата на Реал Мадрид, но додаде оти во иднина би можел да се врати на тренерската работа во друг клуб.
Бројни медиуми изминатите денови шпекулираа дека 58-годишниот германски тренер би можел да го замени Алваро Арбелоа на клупата на Реал ова лето.
„Доколку Реал Мадрид се јавеше, досега ќе слушнавте за тоа. Но, тоа е бесмислица. Не се јавија ниту еднаш. Мојот агент е тука, можете да го прашате. Ниту него не го контактирале“, изјави Клоп за германските медиуми.
Клоп е без тренерски ангажман од крајот на сезоната 2023/2024 кога го напушти Ливерпул и во моментов е раководител за глобален фудбал на компанијата Ред Бул.
„Напредував доста во животот за моите години, но не сум целосно завршен како тренер. Сè уште не сум за пензија“, рече Клоп, кој со Ливерпул го освои англиското првенство и Лигата на шампиони.