Деветтоодделенците одлучуваат за својата полуматурска прослава. Во таа насока, денеска претставници на учениците кои го завршуваат основното образование беа во Општина Кисела Вода, каде низ разговор со градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска ги кажаа своите идеи и желби за претстојниот настан.
Целта на локалната самоуправа е одбележувањето на крајот на овој образовен циклус за вкупно 560 ученици да биде осмислено исклучиво преку нивната призма. На средбата се разговараше за конкретни предлози и концепти иницирани од самите полуматуранти за тоа како замислуваат една модерна и автентична заедничка прослава.
-Општина Кисела Вода ги третира младите како сериозни соговорници чие мислење мора да се вреднува. Денеска сакав да ги слушнам директно нив, нивните очекувања, идеите и креативноста што ја носат. Овие млади луѓе покажаа извонредна зрелост во предлозите за тоа како да ја одбележат својата полуматура. Нашата задача како институција е да им дадеме простор да одлучуваат за прашањата што ги засегаат и да овозможиме нивните визии да станат реалност, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.