Свет еу

Шефот на ЕПП обвини дека Алтернатива за Германија затскриено работи по неонацистички диктат

Лидерот на Европска народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, ја обвини Алтернатива за Германија (АфД) за зголемена радикализација и повика на построг пристап кон крајнодесничарската партија.

Шефот на ЕПП обвини дека Алтернатива за Германија затскриено работи по неонацистички диктат

Лидерот на Европска народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, ја обвини Алтернатива за Германија (АфД) за зголемена радикализација и повика на построг пристап кон крајнодесничарската партија.

„Денес мора со апсолутна јасност и решителност да констатираме дека зад сегашната фасада на АфД, тонот го диктираат неонацистите околу Бјорн Хеке“, ја пренесуваат изјавата на Вебер баварските весници.

Хеке, лидерот на партијата АфД во источната сојузна покраина Тирингија, двапати е осуден за користење забранети нацистички слогани во политички говори.

Во Тирингија партијата АфД е класифицирана како потврдена десноекстремистичка организација и нејзините активности се ставени под надзор на Државната служба за внатрешно разузнавање.

„Овие луѓе ги мразат принципите на нашата либерална демократија и застапуваат груб национализам што веќе донесе многу страдања во Европа“, изјави Манфред Вебер.

Тој повторно ги отфрли обвинувањата за соработка со Алтернатива за Германија во Европскиот парламент.

„АфД е против сè за што јас политички се залагам“, вели тој.

Неодамна беше обелоденето дека конзервативците на германскиот канцелар Фридрих Мерц во Европскиот парламент соработувале поблиску со Алтернатива за Германија (АфД) и со други десничарски партии отколку што беше претходно познато.

Главните политички партии во Германија вообичаено се дистанцираат од крајнодесничарски групи, па откривањето дека Европската народна партија соработувала со АфД и други десноекстремни партии ја шокираше јавноста.

Истражување покажа дека Европска народна партија неодамна соработувала со крајната десница во група за разговори и на средба лице-в-лице на пратеници околу нацрт-закон за миграција.

ЕПП е моментално најголемата група во Европскиот парламент.

Вебер инсистира на тоа дека АфД немала влијание врз ставовите на ЕПП, ниту со обезбедувањето мнозинство во Европскиот парламент.

„АфД нема влијание ниту врз нашата позиција ниту пак во обезбедувањето мнозинство во Европскиот Парламент. Така беше и ќе остане така и во иднина“, рече тој.

Канцеларот Фридрих Мерц остро ја критикуваше соработката меѓу ЕПП и десничарските групи вклучувајќи ја АфД во Европскиот Парламент.

To top