Масовен протест пред грчкиот парламент за уште еднаш да ги истакнат своите барања, одржуваат такси-возачите од цела Грција, кои од утрово почнаа 24-часовен штрајк поради новиот закон од Министерството за транспорт, што воедно се однесува и на такси-превозот, а во текот на денешниот ден се очекува да биде ставен на гласање пред пратениците – јави дописничката на МИА од Атина.
Таксистите порачаа дека се обединети, извикуваа слогани против владата и заменик-министерот за транспорт надлежен за такси-превозот, од кого побараа и оставка.
Протестот почна од канцелариите на Синдикатот на такси-возачите од Атина, каде што се собраа таксисти и од други градови, маршираа на улиците во грчката метропола сè до плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент.
Таму со едноминутен молк им оддадоа почит на жртвите во железничката несреќа кај Темпи, со оглед на тоа што кај споменикот на незнајниот војник пред парламентот е и импровизираниот споменик во чест на загинатите.
Такси-возачите не се согласуваат со одредбите од законот што се однесуваат на задолжителната замена на возилата во Солун и Атина со целосно електрични, како и одредбите со кои, како што велат, им даваат предност на приватните возила со возач.
Новиот закон на Министерството за транспорт се очекува попладнево да се гласа во парламентот, а такси-возачите велат дека ќе останат на улица.
Минатиот вторник, кога законот се разгледуваше на надлежната парламентарна комисија, таксистите во Грција, организирани од нивната федерација, почнаа штрајк на неодредено време, што во одредени делови на земјата траеше еден-два дена, а во Атина заврши во саботата наутро.
Таксистите во Солун и Атина штрајк одржаа и на средината на февруари, кој траеше два, односно три дена, а воедно беше и четврти во период од еден месец.