Полскиот претседател Карол Навроцки денеска изјави дека Русија и нејзиниот претседател се егзистенцијална закана за Полска, но оти добрите односи на Унгарија со Владимир Путин не смее да го загрози вековното пријателство помеѓу Полјаците и Унгарците.
– Има работи за кои се согласуваме дека не се согласуваме. За Полска, Путин и Руската Федерација се иста егзистенцијална закана, како што беа болшевиците во 1920 година. Полјаците ги сакаат Унгарците, го мразат Владимир Путин, кој не е ништо повеќе од воен злосторник. Но, самите земји ги избираат своите дипломатски врски, наведе Навроцки на прославата на Денот на полско-унгарското пријателство со унгарскиот претседател Тамаш Шукољ во Пшемишл, југоисточна Полска.
Навроцки упати апел до Полјаците и Унгарците поради моменталните геополитички спорови да не заборават дека „Полјакот и Унгарецот се двајца братучеди“, како што често зборуваат за себе.
Тој истакна дека за многу работи се согласува со унгарските власти.
– Претседателот Шуљок и јас сме застапници и Полска и Унгарија да бидат во ЕУ, да се грижат за европското семејство и Унијата. Но, загриженоста не значи дека нема критики. Фактот што го прави Европската комисија, бирократизацијата на одредени процеси, обидите за централизација што одат надвор од опсегот на договорот со ЕУ нè обврзуваат да ги изразиме нашите сомнежи и во Полска и во Унгарија во име на загриженоста за европското семејство и европското единство, наведе Навроцки.
Како примери, тој ги наведе спротивставувањето на договорот Меркосур со Јужна Америка, климатските цели на ЕУ и политиката за миграција и азил.
Шуљок посочи дека основата на пријателството меѓу Унгарците и Полјаците „е христијанството, кое двете земји го бранат во ЕУ“.