Во моментов, покрај десеттината помали воени судири, претежно во Африка, на кои светот, за жал, не се ниту осврнува, а луѓето секојдневно гинат, сведоци сме на два големи вооружени судири – оној меѓу Руската Федерација од една и, Украина, со целосна логистичка и воена поддршка од ЕУ и НАТО од другата страна, кој трае веќе повеќе од 4 години и, оној меѓу американско-израелската коалиција и заливските петродоларски монархии од една и, Иран, сателитски, а можеби и поинаку, помогнат од Руската Федерација и Кина, од другата страна, кој деновиве ќе влезе во својот втор месец.
Овие вооружени судири, специјални воени операции, воени интервенции, или како сакате наречете ги, едноставно, претставуваат вистински војни. Војни, кои со својот интензитет, како и секогаш низ историјата, навестуваат создавање на нов светски поредок и, за жал, нивниот крај ќе го доживееме дури дента кога ќе биде договорен новиот мултиполарен светски поредок, односно новата поделба на сфери на влијание меѓу трите големи светски сили. Или, со еден збор, овие војни се водат заради уништување на хегемонистичката (Pax Amerikana) позиција на САД и на таканаречениот “глобален Запад“ и, ослободување на со децении, дури и столетија, акумулираната енергија на таканаречениот “глобален Југ“, во обидот да стане рамноправен партнер, во рамноправна распределба на светското богатство и светското влијание.
СОГОЛЕНИ ВИСТИНИ
Овие војни, со целата своја суровост, успешно ги соголија до сега вешто криените вистини. Оние вистини кои вешто сокриени, го тераа човештвото да живее во наметнати илузии на либералните вредности како единствени за целото човештво и, кои денес, кога илузиите се кршат како најнежно стакленце, целото човештво ги гледа речиси со ужас и неверување.
Големите мајстори на илузијата, холивудско-медиумската мејнстрим индустрија, се’ уште доволно моќни, заедно со своите платеници ширум светот, па и кај нас, сместени во најразлични “проверувачи на факти“, “вистиномери“, “медиуми – цензори“… мака мачат да продолжат да ни ги “продаваат“ евтините, неморални и антицивилизациски илузии како скапоцена вистина.
А војните, војните, во целата своја суровост, ги изнесоа на виделина следниве согледувања:
Прво. Светот се соочува со три големи светски сили кои, сакале ние или не, ќе го изгасат светлото во зградата на Обединетите Нации и, ќе создадат нов меѓународноправен, економски и безбедносен систем.
Тоа се, Руската Федерација како најголема воена сила, секако, заради најголемиот нуклеарен потенцијал, но и заради моќната армија која, единствена во светот има искуство, за жал, во реална војна; Кина како најголема економска сила заради својата финансиска пенетрација, преку кредити, инвестиции, инфрастуктурни проекти… ширум светот, но и заради сопствениот забрзан економски развој и; САД како најголема десантно-диверзантска сила во светот, првенствено заради повеќе од 800-те воени бази стратегиски распоредени ширум светот, но и заради својата десантно-диверзантска доктрина која ја применува со децении.
Истовремено, излезе на виделина целосната дефакторизација на ЕУ, која, за жал, откако целосно се украинизира, се претвори во воено крило на европската либерална “елита“, бегајќи од основниот принцип врз кој е формирана, како најголем мировен проект на рамноправни европски држави и, немајќи ниту сопствена стратегија, ниту квалитетно лидерство, наместо четврт учесник на светскиот “тркалезен стол“, стана дел од менито на истиот.
И, можеби, со својата “итроштина“, повикувајќи ги “сојузниците“ од НАТО, кои ги нарече “кукавици“, да помогнат во обезбедување слободен премин низ Ормускиот теснец, кој повик, во својата кусогледост, брзо-брзо го одбија најголемите држави членки, а сега се двоумат, американскиот претседател си овозможи, токму заради ваквиот нивен однос, извонредно покритие за напуштање на воената алијанса, што може да значи и нејзин крај. Одамна беше јасно дека новата американска администрација има фокус на јужниот пацифик и тамошно воено организирање, па јапонското и јужнокорејското прифаќање на заедничката акција, наспроти европските “сојузници“, тоа и го потврдува.
Второ. Доналд Трамп ги симна ракавиците и пред целиот свет ја соголи американската надворешна политика. Или, со други зборови, хегемонистичката и империјалистичка надворешна политика која подзаскриено ја практикуваа сите досегашни администрации, Трамп ја спроведува јавно, отворено и без никакви скрупули.
Истовремено, Доналд Трамп, несериозно сметаше дека за неколку дена ќе го порази Иран, ќе воспостави марионетска власт и контрола над иранските, како во случајот со венецуеланските резерви на нафта, но и над протокот на 20 проценти од светската нафта, имајќи контрола над Ормускиот теснец, па од таа позиција ќе пристигне на разговор со Си Џин Пинг во Пекинг,на 29 март (посетата е одложена). А со тоа, ќе ги диктира условите во воспоставувањето на новиот светски поредок. Така и влезе во замката на Нетанјаху и на американскиот христијански ционизам и, целосно се откажа од платформата на MAGA движењето, работејќи сосема спротивно од својата предизборна платформа.
Со тоа, предизвика огромна штета на движењето и на луѓето кои го промовираа и го востоличија како американски претседател, посебно сега, на седум-осум месеци пред изборите за половина од Сенатот и Конгресот оваа есен. Токму затоа, постои можност Доналд Трамп да биде “отстранет“ (пример: Линколн, Кенеди…) токму од оние кои и го создадоа, од американските патриоти од движењето MAGA. Во таква, хипотетичка ситуација на негова “неможност“ да биде претседател, не би се предизвикале нови претседателски избори, најверојатно неповолни за нив, туку на негово место, до крајот на мандатот, на чело на САД би бил сегашниот потпретседател Џ. Д. Венс. Човек целосно лојален на принципите на MAGA, кој не е воодушевен од агресијата врз Иран и, кој би успеал многу брзо во своите редови да ги врати оние кои заради налудничавите потези на Трамп го напуштија движењето, како Елон Маск, Такер Карлсон…
Трето. Многумина, со право говореа дека не е добро да бидеш сојузник на Москва, бидејќи нејзините сојузници, како, на пример, во случаите со Сирија или Венецуела, се токму тие кои се најголемите губитници заради таквото сојузништво.
За жал, војните во Украина и Иран покажуваат уште една вистина – дека не е добро да бидеш сојузник ниту на Вашингтон, бидејќи и неговите сојузници, како, на пример, авганистанските колаборационисти, заливските петродоларски монархии од војната со Иран и, европските држави од војната во Украина, се најголемите губитници, посебно на економски, па и на воен план, заради таквото сојузништво.
Или, лажни се надежите дека кој и да е, доколку коленичејќи влегуваш во неговиот “заштитнички“ сојуз, во време кога се загрозени неговите интереси, воопшто и ќе се осврнува на твоите интереси, молби, барања, лелекања… Зашто, на “големиот брат“, во вакви “волнени“ времиња, најлесно му е да си го “истресе“ воениот шинел и, сојузниците, кои непријатно го чешкаат, како вошки да ги истреби од себе.
Затоа, 36 години, упорно, дури може и досадно, додека македонските граѓани уживаат во “безбедносната нирвана“, ние, како политичка партија, говориме за неутрална и демилитаризирана македонска држава. За да не бидеме непотребна мета во туѓи раскусурувања.
Денес, за жал, можеме единствено да се молиме за деескалација на состојбите и враќање во состојбата меѓу две војни, состојба која се вика – мир.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК