Две згради се урнаа денеска во населбата Фатих во Истанбул, а девет лица се извлечени од урнатините и префрлени со амбулантно возило во блиските болници.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул изјави дека во моментов нема потреба од евакуација на околните згради, пренесува ТРТ Хабер.
„Во наредниот период, АФАД (Агенција за вонредни ситуации и катастрофи) ќе ја следи ситуацијата и доколку има згради што треба да се евакуираат, тие ќе бидат евакуирани. Доколку има граѓани кои останале надвор, ќе им се понуди сместување, храна и слично“, истакна Ѓул.
Надлежните истакнуваат дека истрагата е сè уште во тек со цел да се утврди точната причина за уривањето, но првичните проценки укажуваат на експлозија на природен гас како најверојатна причина за несреќата. (МИА)