Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема намера да испраќа дополнителни трупи на Блискиот Исток и оцени дека војната со Иран „наскоро ќе заврши“.
– Не испраќам трупи никаде. А и да испраќам, сигурно не би ви кажал – изјави Трамп на заедничка прес-конференција во Белата куќа со јапонската премиерка Санае Такаичи.
Тој додаде дека, иако цените на нафтата пораснале по американско-израелските напади врз Иран, ефектите биле помали од очекуваното.
– Очекував да биде полошо, многу полошо. Не е толку лошо и наскоро ќе заврши – рече Трамп.
Американскиот претседател изрази уверување дека Јапонија ќе „преземе одговорност“ во конфликтот, „за разлика од НАТО“.
Говорејќи за воената кампања, Трамп ја нарече „краток излет“, додавајќи дека иранските поморски и воздушни капацитети, како и противвоздушната одбрана, се сериозно ослабени.
„Морав да направам овој мал потег и да направам нешто што ниту еден друг претседател немаше храброст да го направи“, рече тој.
Од своја страна, Такаичи изјави дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и дека Јапонија ги осудува нападите на Иран врз земјите на Блискиот Исток, како и затворањето на Ормуската Теснина.
Таа рече дека земјите во светот ја сфаќаат безбедносната средина „многу сериозно“ и оцени дека глобалната економија наскоро ќе доживее „огромен удар“ поради ситуацијата на Блискиот Исток.
– Дури и во тој контекст, цврсто верувам дека само ти, Доналд, можеш да постигнеш светски мир – истакна Такаичи.
Јапонскската премиерка рече дека „развојот на нуклеарно оружје никогаш не смее да му се дозволи“ на Иран и дека Јапонија повикува на тоа, како и „се обраќа на другите партнери во светот“ на овој начин.
– Јапонија ги осудува дејствијата на Иран, како што се нападот врз соседниот регион, а исто така и де факто или ефикасното затворање на Ормуската Теснина – заклучи Такаичи. (МИА)