Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и неговиот француски колега Жан-Ноел Баро оценија во Берлин дека е време Европската Унија да преземе нови чекори кон проширување, објавија германските медиуми.
Баро рече дека наместо да трча со наведната глава низ новиот светски поредок, на Европа ѝ е потребна поголема самодоверба и нагласи дека денес повеќе земји сакаат да се приклучат кон ЕУ од кога било досега.
Тој рече дека земјите од Западен Балкан долго време чекаат членство во ЕУ и додаде дека Обединетото Кралство исто така размислува за враќање во Унијата и дека „ќе ја пречека со раширени раце“.
„И можеби еден ден и Канада ќе се придружи“, рече францускиот министер на конференцијата Европа 2026, која по шести пат заеднички ја организираат неколку влијателни германски дневни весници.
„Ова е моментот за проширување на Европската Унија“, рече Вадефул, кој го надополни Баро споменувајќи ги Исланд и Норвешка како кандидати за членство, и додаде дека е отворен и за прифаќање на Канада.
Министрите се согласија дека сегашната криза околу војната во Иран, како и претходната околу американските претензии кон Гренланд, ја зајакнаа политичката волја во ЕУ за преземање нови чекори за интеграција.
„Понекогаш посебните ситуации создаваат нова идеја за тоа како треба да изгледа Европа“, рече Вадефул. Тој алудираше на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Арктикот, велејќи: „Ќе го браниме нашиот суверенитет“.
Во разговорот, кој беше организиран вчера попладне на конференција во Берлин, Вадефул и Баро ја нагласија важноста на функционалните односи меѓу Берлин и Париз, така што Европа, според Баро, може да стане „трета суперсила“ во свет каде што постои системска конкуренција меѓу САД и Кина.
Дводневната конференција „Европа 2026“, организирана од дневните весници „Цајт“, „Тагешпигел“, „Ханделсблат“ и неделникот „Виртшафтсвохе“, се отвори вчера.
На неа учествуваа повеќе од 60 високи функционери од политиката и бизнисот, меѓу кои и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, европските комесари Марија Луиза Албукерке, Андриус Кубилиус, Магнус Брунер, Оливер Валберг и други.