Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави видео од синоќешните американски напади врз иранските воени цели на островот Харг во северниот дел на Персискиот Залив. Видеото прикажува напади врз воена база, вклучувајќи напади врз пистата на воздухопловната база, како и неколку други локации на островот.
Според достапните информации, цел биле и противвоздушни одбранбени системи и можни позиции на ракетни системи што ги користи Иранската револуционерна гарда.
Трамп синоќа на социјалната мрежа Truth Social објави дека американската војска извршила еден од најмоќните воздушни напади во историјата на Блискиот Исток и го нападнала островот Харг (Кхарг), кој служи како терминал за речиси целиот ирански извоз на нафта.
„Пред неколку моменти Централната команда на САД започна еден од најмоќните бомбардирања во историјата на Блискиот Исток и целосно ги уништи сите ВОЕНИ цели на бисерот на Иран, островот Харг. Одлучив да НЕ ја уништам нафтената инфраструктура“. Меѓутоа, ако Иран или некој друг направи нешто за да го попречи слободниот и безбеден премин на бродовите низ Ормускиот теснец, веднаш ќе ја преиспитам таа одлука“, напиша Трамп.
Footage has now been published by President Donald J. Trump showing today’s strikes against Iranian military targets on Kharg Island in the Northern Persian Gulf, which acts as a port hub for the export of up to 90% of oil products leaving Iran. In the footage, strikes can be… pic.twitter.com/WH3iWw74sE
— OSINTdefender (@sentdefender) March 14, 2026
Тој го повика Иран да го положи оружјето и „да го спаси она што останало од нивната земја, што не е многу“.
Островот Харг, низ кој минуваат околу 90 проценти од извозот на нафта на Иран, се смета за најчувствителна економска цел во Иран.
Харг е корален остров долг околу осум километри во Персискиот Залив, околу 43 километри од иранскиот брег. На него завршуваат нафтоводите што носат нафта од полињата во централниот и западниот дел на Иран. Терминалот првично бил изграден од американската нафтена компанија Амоко, а бил преземен од Иран за време на револуцијата во 1979 година.
Поголемиот дел од брегот на Иран е премногу плиток за најголемите танкери за нафта, но Харг е близу до длабокото море.
Обично помеѓу 1,3 и 1,6 милиони барели нафта минуваат низ Харг дневно. Но, кон средината на февруари, Иран ги зголеми количините на околу три милиони барели дневно, според инвестициската банка ЏП Морган, во очекување на можен напад предводен од САД. Дополнителни 18 милиони барели се складирани на островот како безбедносна залиха.