Американскиот претседател Доналд Трамп предложи употреба на ракети во борбата против наркокартелите, за време на неговиот говор пред латиноамериканските лидери собрани на самитот во Дорал, Флорида.
– Ќе користиме ракети. Сакате ли да користиме ракети? Тие се исклучително прецизни. Директно во дневната соба – и готово е со тој член на картелот – изјави Трамп на почетокот на средбата.
Тој најави и формирање на нова меѓународна воена коалиција чија единствена цел ќе биде целосно искоренување на криминалните групи кои го тероризираат регионот.
Администрацијата на Белата куќа веќе вклучи осум моќни наркокартели, меѓу кои „Синалоа“ и „Халиско Нова генерација“, на листата на странски терористички организации. Вашингтон од септември минатата година спроведува интензивна кампања на воздушни удари против пловила во Карипското Море и Тихиот Океан, за кои тврди дека се користат за шверц на дрога, операција во која досега се убиени околу 150 лица.