На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Судот информираше и за писмениот одговор добиен од затворот во Куманово, по реакциите од минатата расправа дека првообвинетиот бил изложен на нечовечко постапување.
– Во врска со добиените сознанија од медиумите дека притвореното лице се жали на нечовечко однесување од службени лица во затворот во Куманово. На 26.02.2026 година од страна на раководниот тим е извршен разговор со истиот, каде што обвинетиот посочи дека нема никаков проблем со било кој вработен во затворот. Имаше забелешки за душекот во којшто спие, како и за чести претреси. Ако притвореното лице има потреба од специјален душек треба истото да биде поткрепено со соодветна медицинска документација – било наведено во дописот на затворот.
На почетокот на денешната главна расправа, обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот каде што беше сместена дискотеката „Пулс“, побара од Судот да го ослободи од присуство, жалејќи се на лоша здравствена состојба, дијагностицирана сепса на градите и бактерија.
– Го молам судот нешто да преземе. Јас не можам да се борам со животот. Како да дојдам кога не можам, немам сили да доаѓам на судење – посочи Милковски.
Судијката Дијана Груевска Илиевски, рече дека е запознаена и секојдневно била во комуникација со докторите, кои како што рече, ја информирале дека е најдена бактерија, но дека не е тоа многу сериозно.
Обвинетиот Милковски, кој се жалеше на лошата здравствена состојба и на претходните неколку рочишта, на ова инсистираше Судот да преземе нешто, нагласувајќи дека во спротивно може нема да дојде на некое од следните судења.
Во врска со ваквото произнесување на Милковски, судијката Груевска-Илиевска децидно одговори дека „првиот пат кога нема да се појави обвинетиот на судење, ќе му биде определен притвор“.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна ноќта на 16 март минатата година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, а постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Судењето продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.