Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека поранешната влада предводена од СДС, во периодот кога лидер на партијата беше Зоран Заев, му доделила македонско државјанство на рускиот олигарх Александар Онишченко.
Од партијата тврдат дека Онишченко е лице осудено на 15 години затвор за перење пари и корупција, како и поранешен пратеник од проруската политичка структура на екс-претседателот на Украина, Виктор Јанукович.
Според ВМРО-ДПМНЕ, доделувањето на македонско државјанство се случило во период кога против Онишченко била распишана меѓународна потерница од Украина и кога, како што наведуваат, други држави не му овозможиле престој.
„Наместо да ги штитат македонските национални интереси, СДС, Зоран Заев и Венко Филипче воделе политики кои отворале простор за влијание и бизнис активности на лица блиски до руските структури“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека со промената на власта ваквите практики се прекинати и дека институциите нема повторно да дозволат, како што велат, „политички и бизнис комбинации преку државните институции“.