Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во обраќање во базата за нуклеарни подморници „Ил Лонг“, рече дека Франција постепено влегува во нова фаза на своето нуклеарно одвраќање, кое го опиша како „проширено одвраќање“.
„Треба да го зајакнеме нашето нуклеарно одвраќање со оглед на комбинацијата од закани и да размислиме за нашата стратегија за одвраќање во длабочините на европскиот континент, со целосно почитување на нашиот суверенитет, со постепено воведување на она што би го нарекол продолжено одвраќање“, нагласи шефот на француската држава.
„Моментално живееме низ период на геополитички промени, полн со ризици, а нашите сограѓани се целосно свесни за ова. Овој период го оправдува зајакнувањето на нашиот модел“, додаде Макрон.
Париз, нагласи францускиот претседател, ќе го зголеми бројот на своите нуклеарни боеви глави, но повеќе нема да соопштува податоци за својот нуклеарен арсенал „за разлика од она што можеби се правело во минатото“.
„Не станува збор за влегување во каква било трка во вооружување. Ова никогаш не било дел од нашата доктрина. Синџирот на команда е целосно јасен, а конечната одлука за употреба на нуклеарно оружје му припаѓа само на францускиот претседател“, потсети Макрон.