Република општина Штип

Се уредуваат над 50 паркинг места кај штипската спортска сала „Јордан Мијалков“

Овде се задоволува конечно потребата за паркинг простор и паркирање кога има спортски настани, изјави Јорданов.

Се уредуваат над 50 паркинг места кај штипската спортска сала „Јордан Мијалков“

Во дворот на спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип почна уредувањето на над 50 нови паркинг места. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека проектот се реализира за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот на населбата Сењак. Градежната механизација денеска работеше на рамнење и подготовка на просторот, а утре ќе се пристапи кон негово асфалтирање. Целта е да се овозможат повеќе паркинг места на локација каде се одржуваат големи спортски настани во Штип. Вредноста на овој проект кој е на барање на граѓаните изнесува еден милион денари.

-Овде се задоволува конечно потребата за паркинг простор и паркирање кога има спортски настани. По реакција на жители, по реакција на граѓани, заради тоа што сообраќајницата која поминува веднаш до спортскиот објект е доведена до безбедносен ризик во сообраќајот при паркирање на возила, кога се одржуваат спортски манифестации потребата е повеќе од евидентна. Затоа одлучивме еден паркинг простор во рамки на самата парцела, која е за некаде за повеќе од 50 возила-изјави Јорданов.

Тој додаде дека се работи на реализација на уште неколку инфраструктурни проекти во населбата Сењак. На изградба на паркинг места се работи и во централното градско подрачје, предвидени се три катни гаражи и паркинг платформи на реката Отиња. (МИА)

To top