Македонија како земја кандидат спроведуваме низа реформи

Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција во Брисел

Покрај делегацијата од Собранието, на Конференцијата учествуваа и претставници од националните парламенти на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ, претставници од Европскиот парламент и претставници од повеќе европски институции.

Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција во Брисел

Пратениците Сања Лукаревска, претседателка на Комисијата за финансирање и буџет и Тони Јаревски, заменик-претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, учествуваа на Интерпарламентарна конференција посветена на стабилност, економска координација и владеење во ЕУ.

Конференцијата се одржа на 23 и 24 февруари 2026 година во Брисел, Белгија, во организација на Европскиот парламент и Домот на претставници на Република Кипар, во рамки на Кипарското претседателство со Советот на министри на ЕУ.

Покрај делегацијата од Собранието, на Конференцијата учествуваа и претставници од националните парламенти на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ, претставници од Европскиот парламент и претставници од повеќе европски институции.

На Конференцијата беа разменети мислења во врска со финансирање на буџетот на ЕУ, фокусот на новата повеќегодишна финансиска рамка, можностите и предизвиците на единствениот европски пазар, отпорноста на пазарот на труд во рамките на ЕУ.

Беше истакнато дека за финасирање на проекти во разни сектори кои во иднина треба да придонесат за зголемена конкурентност на европската економија се предлагаат и нови извори на финансирање кои ќе го помогнат економскиот раст. Со новата повеќегодишна финансиска рамка, особено внимание ќе се посвети на инвестициите во образование на младите, дигитализацијата, зелената енергија, земјоделието, одбраната и рамномерниот регионален развој. Спроведување на потребните реформи ќе придонесат за дополнителен развој на единствениот европски пазар. Исто така, и пазарот на труд треба да се прилагодува на новите технологии и затоа од особено значење ќе биде постојаната едукација на вработените за да можат да одговорат на новите предизвици.

Во своето излагање пратеничката Сања Лукаревска истакна дека Република Македонија, како и останатите земји кандидати за членство во Европската Унија, треба да ја следат повеќегодишната финансиска рамка и да инвестираат во истите сектори како што е предвидено и на ниво на ЕУ, со што ќе се овозможи побрзо усогласување на нивните економии и општества при идното членство во ЕУ. Како пратеничка од земја кандидат за членство во ЕУ, особено го поздрави делот од повеќегодишната финансиска рамка 2028 – 2034 година кој се однесува на поддршката на земјите кандидати за членство во ЕУ преку Инструментот Глобална Европа, кој претставува продолжение на повеќедецениската поддршка која ја добиваме од ЕУ. Добро би било дел од оваа поддршка да биде насочена за прекугранична соработка меѓу земји членки на ЕУ и земји кандидати за членство и особено во делот на заштита на животната средина.

Во однос на рамномерниот регионален развој, позитивно е што и со предложената финансиска рамка се планираат значителни инвестиции во помалку развиените региони со цел да се овозможи рамномерен регионален развој. Пратеничката изрази надеж дека за периодот на важност на новата повеќегодишна финансиска рамка 2028-2034 година, Република Северна Македонија и останатите земји кандидати ќе станат земји членки на Европската Унија.

Пратеникот Тони Јаревски истакна дека како земја кандидат спроведуваме низа реформи во повеќе сектори со цел да се приклучи кон ЕУ и да биде дел од единствениот европски пазар.

Во делот на енергетиката како членка на Енергетската заедница, земјава го транспонира потребното европско законодавство со цел што поскоро пристапување на европскиот енергетски пазар. Последите години значајни инвестиции се прават и во делот на дигитализацијата и се повеќе се нудат разни форми на дигитални усуги. Во наредниот период една од најзначајните заеднички цели на земјите од Западен Балкан е со заеднички настап да се постигне договор и со ЕУ за драстично намалување на цените за користење на роаминг услугите.

За слободно движење на стоките и зголемување на трговската размена секако големо значење има и инфраструктурното поврзување помеѓу земјите. Позитивно го оцени неодамнешното ратификување на Договорот за железничко поврзување во Македонскиот и Бугарскиот парламент, со што се овозможува реализацијата на овој значаен проект кој е дел од Коридорот 8. За полесно и побрзо интегрирање на земјите од Западен Балкан на единствениот европски пазар во рамки на Берлинскиот процес е потпишана заедничка Декларација за создавање на заеднички регионален пазар. Целта на неговото создавање е посилна економска интеграција на регионот на Западен Балкан и подготовка со поголемата конкуренција на заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ. Пратеникот изрази надеж дека актуелниот проблем со возачите на камиони кои потекнуваат од земјите на Западен Балкан што поскоро да биде решен во насока на унапредување на надворешно-трговската размена.

Најнови вести од Македонија

To top