Важно е ЕУ да остане доследна по Солунската агенда и да им дадеме нов поттик и нова визија на народите од Западен Балкан, посочи шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел и нагласи дека Грција ќе преземе низа иницијативи за ЕУ перспективата на регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
– Денеска ќе имам можност да се обратам и да ги информирам моите колеги министри за надворешни работи за волјата на Грција да преземе низа иницијативи во врска со интегративниот пат на Западен Балкан. Во изминатите четири години Европската Унија веќе разви многу активности што се во насока на нејзината отпорност и конкурентност. Важно е Европската Унија да остане доследна, по 2003 година и Солунската агенда и да им дадеме нов поттик и нова визија на народите од Западен Балкан, а Грција ќе се погрижи да биде земјата која ќе го забрза процесот во таа насока, рече министерот за надворешни работи на Грција.
На средината на декември, како што тогаш објави МИА, висок грчки дипломатски извор брифираше дека Атина ќе преземе иницијативи и низа активности за ЕУ перспективата на Западен Балкан, но и дека Герапетритис во текот на 2026 година ќе ги посети сите земји од регионот.
Тогаш изворот посочи дека активностите и иницијативите се во пресрет на грчкото претседателство со Европската Унија во втората половина на 2027 година, а официјална Атина го продолжува она што го започна во 2003 година со Солунската агенда за интеграција на земјите од регионот во ЕУ.
Според истите извори, за Грција е многу важно до грчкото претседателство да бидат созреани условите за напредокот на земјите на нивниот европски пат.
Паралелно, високиот дипломатски извор нагласи дека еден од најголемите приоритети на грчката дипломатија во 2026 ќе биде побрзиот процес на интеграција на овие земји, а Грција ќе продолжи да биде силата што ќе ја забрзува целата процедура.
Официјална Атина, доста често порачува дека позицијата на Грција е дека иднината на регионот е во ЕУ, а земјата цврсто ја поддржува европската перспектива доколку се исполнуваат условите и предусловите.