Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска пред состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата во Брисел, изјави дека не верува дека ќе биде остварен напредок во усвојувањето на 20-тиот пакет санкции за Русија, поради блокадата на Унгарија и Словачка.
– Ќе имаме разговори за Украина. Како што знаете, утре е четвртата годишнина од таа ужасна војна и ќе разговараме за 20-тиот пакет санкции, но како што сите знаете мислам дека нема да има напредок околу тоа денеска, но секако ќе вложиме напор – рече Калас по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи.
Таа рече дека се вложуваат „најголеми напори да се спроведе тој пакет санкции“ и оти ќе го покрене тоа прашање со земјите кои го блокираат.
– Но, слушнавме некои многу силни изјави од Унгарија и затоа за жал не гледам дека тие ќе го променат својот став денеска – рече Калас.
Таа рече дека им укажале на тие земји дека нивните проблеми немаат никаква врска со 20-тиот пакет санкции и дека не би требало да се врзуваат нешта кои не се поврзани едно со друго.
– Но ќе ги сослушаме да објаснат зошто го блокираат тој пакет санкции и дали има можност тоа да го надминеме – рече таа.
Минатата недела Унгарија и Словачка соопштија дека ќе ги прекинат испораките на дизел за Украина поради прекинот во испораката на нафта преку нафтоводот Дружба.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, вчера рече дека неговата земја ќе го блокира обидот на Европската унија да го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија, како и дека ќе ги запре напорите за доставување понатамошна помош за Украина.
– На утрешниот Совет за надворешни работи, ЕУ има за цел да го усвои 20-тиот пакет санкции. Унгарија ќе го блокира. Додека Украина не го продолжи транзитот на нафта до Унгарија и Словачка преку цевководот Дружба, нема да дозволиме да се носат одлуки кои се важни за Киев – напиша Сијарто на X.
Сијарто додаде дека Унгарија исто така ќе го блокира големиот заем на ЕУ за Украина од 90 милијарди евра, кој би требало да ги подмири воените и економските потреби на Киев во наредните две години.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера изјави дека Будимпешта одлучила да донесе три контрамерки за да издејствува продолжување на испораките на нафта – извозот на дизел за Украина нема да биде продолжен додека повторно не се воспостават испораките на нафта. Исто така рече дека ќе биде запрен заемот на ЕУ од 90 милијарди евра за чие одобрување е потребна согласност од Унгарија и нема да биде можно да се даде каков било воен заем на Украина додека не се продолжат испораките на нафта за Унгарија.
Покрај тоа, рече Орбан, Унгарија нема да поддржи никаква политика на санкции додека не се продолжи преносот преку нафтоводот Дружба, што значи дека ќе биде одбиен 20-тиот пакет санкции, пренесе шефот на неговиот кабинет на Х.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, исто така рече дека неговата земја ќе ги прекине итните испораки на електрична енергија за Украина ако испораките на нафта не се обноват.
Извор МИА