Враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби во земјава е позитивен и значаен чекор во борбата против високата корупција и организираниот криминал, оценува аналитичарот Сотир Костов. Според него, станува збор за еден од најмоќните политички фигури во изминатите седум до осум години, втор човек во владата и еден од највлијателните функционери во ДУИ и тогашната владејачка коалиција.
-Добро е за државата да се види дека органите на прогонот водат сериозна битка против корупцијата од висок ранг и организираниот криминал. Со ова започнува постапка поради која многу луѓе нема мирно да спијат и ќе им стане тесно во сопствената кожа, вели Костов.
Тој посочува дека Груби е осомничен за повеќе сериозни кривични дела, меѓу кои и криминалот поврзан со Државна лотарија, но, како што нагласува, тоа не е единствениот случај.
-Имаме и противправно отуѓување земјиште по багателна цена, наводно за фотоволтаици, а завршило кај сопругата на премиерот, како и мешање и вршење влијание во судството – врз судии и јавни обвинители. Такви кривични дела не можат да се направат самостојно, туку со лица на одговорни позиции, истакнува Костов.
Како пример го наведува токму случајот со Лотарија на Македонија, каде, според него, биле вклучени повеќе институции, Министерството за финансии, министерот и државниот секретар, законодавството, Генералниот секретаријат на владата, а на крај и самата Влада.
-Иако било јасно дека лиценцата е фиктивна и без потребна документација, таа поминала низ сите институционални филтри и завршила на Влада, по што било дозволено противправно отуѓување од 3,5 до 4 милиони евра, нагласува аналитичарот.
Костов смета дека враќањето на Груби, по една година бегство, е порака дека нема селективна правда.
-Да не заборавиме дека самиот изјави дека е ‘чист како солза’, а ете, на Чист понеделник се врати или беше вратен. Лично сметам дека треба да му биде одреден притвор и дека постапката мора да оди до крај, вели тој.
Според Костов, начинот на кој Груби се вратил, без спектакл и очекува институциите да постапат согласно закон.
-Законот е јасен,лице со меѓународна потерница при влез во државата се лишува од слобода. Сега треба да следи истражна постапка, обвинение, судење и правосилна пресуда, додава тој.
Аналитичарот очекува осудителна пресуда, оценувајќи дека штетата врз државниот буџет е направена, а елементите на кривичното дело се исполнети.
-Сега засега осомничени се Груби и Прпарим, но ќе има и други. Посочив дека одговорноста треба да се бара и во институциите кои го пропуштиле целиот процес, нагласува Костов.
Тој потенцира дека успехот ќе зависи од вистинско „освежување“ во обвинителството и судството.
-Ако новиот јавен обвинител постави нови луѓе во скопското, вишото и обвинителството за организиран криминал, можеме да очекуваме резултати. Ако останат истите кадри, тешко дека ќе има вистинска промена, бидејќи системот е премногу трул, заклучува Костов во изјава за Курир.