Европската интеграција на нашата земја, можеби е единствен случај во Европа чијашто интеграција во рамките на самата Европска Унија не се цени според системот на напредок, односно како се совладуваат предизвиците, туку целиот овој процес на приклучување кон Европската Унија се темели на билатерални прашања и самото тоа го нарушува кредибилитетот на самата Европска унија за што се повеќе политичари во Брисел се свесни. За нас само, како земја кандидат не важи мерит бејс не важи пристапувањето, за нас важи билатерализација на пристапниот процес, рече претседателот на Влада и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната конференција на Паневропската унија во Македонија на тема „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“.
Мицкоски направи споредба на билатералниот спор помеѓу Хрватска и Словенија кој се реши во рамките на неколку месеци откако тогашниот Европскиот Совет јасно кажа дека спорот ќе се решава откако Хрватска ќе ги заврши преговорите и ќе биде дел од Европската Унија, со што тогаш ќе има рамен терен и тогаш ќе има арбитражен спор во чии рамки ќе се бара решението на тој спор ќе се бара и билатералното решение меѓу двете земји.
Таквото нешто, додаде Мицкоски, за нас не важеше и сè уште не важи затоа што Македонија е жртва на класичен булинг на земји членки коишто од внатре го уценуваат интегрирањето во рамките на Европската Унија и тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку се цени според тоа дали ќе го смениме Уставот, знамето, банкнотите.
„И колку повеќе ова го игнорираме, толку потежок ќе биде тој пат и толку повеќе ќе имаме препреки пред нас. Колку повеќе сме свесни за овие предизвици и за неуспесите на политички гарнитури од минатото, толку потешко ќе ни биде“, истакна Мицкоски, додавајќи дека ова се историски моменти во политиката и историските моменти знаат да траат и со децении, а понекогаш и со векови.
„Затоа еден народ, една нација треба да е мудра и трпелива, да не носи избрзани одлуки, ниту пак одлуки под притисок. Затоа за еден народ и една нација, нема поголемо зло од корумпирани таканаречени лидери на таа нација, мекотели, луѓе коишто се мекото ткиво на нацијата и коишто, за жал, се изнагледавме во минатите години и децении на македонската политичка сцена. И тие се тие коишто не доведоа до оваа ситуација во којашто денеска се наоѓаме, наместо да преговараме за вредности, за владеење на правото и за некои други стандарди, ние денеска преговараме за билатерални прашања коишто не водат никаде. Просто и едноставно е, нема никој жив од средниот век за да ни каже како било. Наместо да гледаме во иднината ние се враќаме во десеттиот и единаесеттиот век, уште толкуваме чии биле оние тогашни учители во тоа време и нивните ученици. А, за жал нема сè уште живи помеѓу нас коишто од тогаш можат да ни посведочат како и која била вистината. Но, има живи коишто можат да посведочат како било пред неколку децении, сè уште има живи и тие во нивните сведоштва ја пренесуваат вистинската вистина, не онаа измислената и напишаната. А, тоа дека овој народ, македонскиот народ си има своја традиција вековна, култура, наследство. Отсекогаш бил на правата на историјата, отсекогаш бил за сојузниците, никогаш не коленичел. Да, често пати знаел да биде на грб во многу востанија низ историјата, но никогаш не коленичел. Овој народ ја бранел вратата на Европа со векови, верувал во тие европски вредности и ќе продолжи така за да може денеска Европа да биде тоа што е. Јас сум убеден дека и во годините коишто следат и по мене, и по тие по мене ќе имаме луѓе и водачи на оваа нација, народ и држава коишто ќе бидат свесни за своето минато вековно и ќе знаат тоа вистински да го вреднуваат и ценат. И местото на овој народ и оваа држава е во Европа“, потенцираше, меѓу другото, претседателот Мицкоски.