Свет

Туск: Полска нема да испраќа војници во Појасот Газа, приоритет е програмата SAFE

Полска не планира и нема да испраќа свои војници во Појасот Газа, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск, отфрлајќи го учеството на земјата во Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп, а истовремено ја нагласи потребата од зачувување на средствата за домашни инвестиции преку програмата SAFE.

Туск: Полска нема да испраќа војници во Појасот Газа, приоритет е програмата SAFE

Полска не планира и нема да испраќа свои војници во Појасот Газа, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск, отфрлајќи го учеството на земјата во Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп, а истовремено ја нагласи потребата од зачувување на средствата за домашни инвестиции преку програмата SAFE.

-Полска нема намера и нема да испраќа полски војници во Појасот Газа. Ние имаме свои безбедносни прашања и не морам никому да објаснувам во што е нашиот фокус, на што е фокусирана полската армија. Полска, исто така, не е заинтересирана за кофинансирање на развојни проекти во Газа, истакна Туск.

Полскиот премиер прецизираше, пренесува ПАП, дека полскиот претставник може да учествува во работата на Одборот за мир како набљудувач, но дека полската Влада не предвидува формално учество во сегашните околности.

Туск ги коментираше опозициските партии ПиС и Конфедерација за обидот да ги блокираат средствата од програмата SAFE.

-Такво ’предавство’ на националните интереси нема да му биде простено на никого ако полските интереси навистина бидат нападнати на толку циничен и широк начин, рече Туск, посочувајќи дека последиците би можеле да значат губење на десетици милијарди полски злоти за индустрискиот сектор на земјата.

-И покрај блокадите и евентуалните вета, владата ќе најде начини да зачува барем дел од средствата, но тоа ќе бара дополнително време, пари и енергија од сите вклучени, рече Туск.

Регулативата SAFE беше усвоена на 27 мај 2025 година, како дел од пакетот „Подготвеност 2030“, и им овозможува на земјите-членки да прават масовни инвестиции во одбраната преку заедничка набавка од европската одбранбена индустрија, а воедно да ги намалат трошоците и да ја зајакнат интероперабилноста, се појаснува во соопштението на Комисијата.

Иницијативата предвидува учество на Украина, земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и Европската економска зона (ЕЕА), како и земјите-кандидати за членство во ЕУ и земјите-партнери, во заедничка набавка и зајакнување на целокупната европска индустриска база за одбрана.

Програмата „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE) е финансирана од капацитетот за задолжување на Европската Унија, што значи дека во крајна линија е гарантирана од буџетот на Унијата.

Програмата SAFE е дизајнирана да помогне во развојот на одбранбените капацитети што ѝ се најпотребни на Европа, вклучувајќи беспилотни летала, кибер одбрана, ракети и европски воздушен штит, бидејќи Унијата се стреми да изгради воена способност доволно силна за да ја одврати Русија.

To top