Популарната апликација за пораки Телеграм, која досега се сметаше за последното упориште на слободната комуникација во Русија, се соочува со целосно исклучување. Според информациите на рускиот канал „База“, властите планираат целосна блокада на апликацијата од 1 април, по истиот модел како што беа забранети Фејсбук и Инстаграм.
Иако Телеграм е клучен канал за информирање и за самата руска администрација, изворите тврдат дека Роскомнадзор веќе ги подготвува техничките процедури за оневозможување на пристапот и преку мобилен интернет и преку Wi-Fi мрежи низ целата земја.
„Агенцијата нема што да додаде на претходно објавените информации“, кратко одговориле од Роскомнадзор, што дополнително ги подгреа сомнежите дека одлуката е веќе донесена.