Во Амбасадата на Оман во Женева почнаа индиректните преговори помеѓу Иран и САД, со размена на пораки преку медијаторот Оман, јави Иранското државно радио.
Иранската делегација е предводена од министерот за надворешни работи Абас Арагчи, а САД се претставени од специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека индиректно ќе биде вклучен во преговорите.
– Ќе бидам вклучен во тие разговори индиректно и тие ќе бидат многу важни. Ќе видиме што може да се случи – истакна Трамп.
САД со години се обидуваат да го спречат Иран да добие нуклеарно оружје. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е за цивилни цели.
Претходно, Техеран соопшти дека е подготвен да разговара за ограничувањата на својата нуклеарна програма доколку САД се подготвени да ги укинат економските санкции. Но, Иран не е подготвен да преговара за други прашања, како што е ограничувањето на својот ракетен арсенал или прекинувањето на поддршката за вооружените групи во регионот.