Европската Унија итно треба да ја забрза својата подготовка за растечките ризици поврзани со климатските промени, велат климатолозите во извештај објавен денеска, предупредувајќи дека напорите во целиот блок треба да бидат подобро координирани, објави ДПА.
„Екстремните временски и климатски настани веќе предизвикуваат големи загуби низ цела Европа“, рече Отмар Еденхофер, претседател на Европскиот научен советодавен совет за климатски промени, што го објави извештајот.
„Само екстремната топлина доведе до десетици илјади предвремени смртни случаи во последните години. Покрај штетите врз екосистемите, климатските катастрофи предизвикуваат економски загуби, кои во просек изнесуваат околу 45 милијарди евра годишно“, додаде Еденхофер.
Консултативниот совет, со седиште во Копенхаген, предупреди дека овие опасности веројатно ќе се интензивираат. Европа се затоплува приближно двојно побрзо од светскиот просек, а ефектите веќе ги има во сите региони, според извештајот. Заедно со напорите за ограничување на емисиите на стакленички гасови, прилагодувањето кон климатските промени е клучно, нагласува Советот.
Меѓу препораките за зголемување на отпорноста на ЕУ, Советот повика на задолжителна и хармонизирана проценка на климатските ризици во секоја политика на Европската Унија и земјите-членки. Исто така, се препорачува јасна „визија за отпорност на климатските промени на ЕУ до 2050 година“, поголема мобилизација на јавни и приватни инвестиции и известување за климатските ризици во сите области на политиката. Унијата треба да се подготви за различни идни сценарија и континуирано да ги следи и оценува мерките за адаптација, соопшти консултативното тело.