Никогаш да не им противречите на политичарите. Само причекајте да го сменат мислењето. Ќе го сменат. Исто е и со пустинкиве. Има текстови што денес се многу поактуелни отколку кога биле одамна објавени. По планетарната епидемија на мизерија, резил и катастрофа, со оној Џефри Епстин (Епштајн) и неговите другарчиња и другачки, депонијата „Дрисла“ изгледа како цветна градина. Па после зошто сум се враќал во минатото? Море, ми доаѓа да се вратам и во првобитното општество. Еве, се враќам.
Во старо време секој имаше слава. Домашна, подразбира се. Домаќините позајмуваа столови и маси од комшиите и ги редеа во својата приемна соба како за парада. Домаќинките гордо ги вадеа своите најубави чаршафи, испрани, штиркани и испеглани. Ритуално и внимателно ги покриваа масите центрирајќи ги цел ден по рабовите. Поамбициозните невести ставаа миљенца или шустикли. Колку да потсетат на својот славен чеиз, но и како превентива од локалните алапачи, иако тогаш немаше „Фејсбук“.
Следната фаза е редење мезиња, јадења и пијалаци на масата. Секогаш според светиот принцип: да нема каде игла да падне. Народски кажано, на масата фалеше само уште од поп уво. Поискусните гости познати и по прекарот весељаци, имаа класична стратегија. Неколку дена избегаваа храна затоа што одеа во повеќе куќи, а стомакот сепак има ограничени капацитети. На радиото (за разлика од денес) не мораше долго време да се бара народна музика. Нејзиното обилно присуство во секојдневниот социјалистички живот беше нормална појава. И поради фактот дека тогаш „народот беше на власт“. Додуша, преку своите претставници познати и под терминот авангарда на работничката класа, ама нејсе.
И додека насекаде ечат звуците на „Сношти си дојдов од гурбет мајко“, „Заплакало е Мариово“, „Бог да убие дебрани“, „Бог да бие кој прв почна“, „Параходот пристигна“, „Збогум, мајко јас отидов… “, цело семејство седи и ги чека своите први гости. Сите максимално дотерани, според тогашната филозофија: „Ако е старо, само нека е чисто и закрпено“. Свежо бањати, зачешлани и потопени во тогашниот популарен парфем „ливанто“, денешна лаванда.
А надвор, последната пурпурна насмевка на денот ги покрива уморните плеќи на околните сртови и ќерамиди. Ноќта облечена во свечениот фустан на Скарлет Јохансон, пополека зачекорува во нашето маало. Околу нејзиниот врат од алабастер, блескаат небесните дијаманти. Госпоѓата ноќ испушта топли и свилени воздишки, како штотуку направен мармалад од мама и баба. Нашите срца беа како растреперени брези, јасики и рузмарин. А ние копиљаците бевме како улично осветлување, со нашите „лустер“ ишишани глави. Потпрени на уличните тараби со широко ококорени очи во бескрајното небесно индиго…
Тоа беше време кога сите шимшир порти беа ширум отворени. И додека да кажеш „кекс“, ете ги првите, вторите и сите други гости. Најпрво пристигнуваше нивниот славен парфем, а дури после тие. Во тоа време, најчеста изрека беше: „Се прави важна, божем моча ливанто“. Разбирливо. После „покошено сено“, новиот парфем му зададе смртен удар на мирисот од испотена мишка. За слава никој не се кани. Сите знаат и доаѓаат на време и во комплет. Мајки, татковци, деца, баби, дедовци, стрини, тетки, вујни, вујковци, кумови, кумашини, баџанаци, побратими, золви, снаи, јатрви, балдазки, свекрви и сите околни комшии! Една фина бројка која далеку го надминува членството на поголемиот дел од денешниве политички партии.
Домаќинот, почитувајќи ја хиерархијата на гостите го поставува класичното прашање: „Што ќе пиете?“ Прашаниот гостин држејќи до својата скромност, домашно воспитување и општа култура, одговара со контрапрашање: „Што имате?“ Домаќинот не дозволува да биде збунет и спремно одговара: „Има сè. Пиво, вино или ракија?“ Гостинот задоволно го избира својот пијалок од поштената понуда. Ај ако смееш прашај ги денешниве „модерни“ гости што ќе се напијат? Ќе мора да ангажираш преведувач и шанкер. Барем половина од нивните нарачки не ги разбираш или си ги видел само на филм. Па после немало гости? Ќе нема!
На тие слави доаѓаа полицајци, воени лица и политичари, иако нивната атеистичка религија (комунизмот) таквите посети строго ги забрануваше. Нам нѝ импонираше дека седат „барабар“ со нас, „упркос“ званичната идеологија. А тие јадеа и пиеја како на олимпијада. Мерак нѝ беше да ги гледаме како мљацкаат и ждригаат како нас, обичните смртници. Иако беа на власт, тие редовно беа со нас, околу богатата трпеза. Подоцна дознавме дека тие не доаѓале скришно на верските празници. Туку следеле кој од присутните е „против денешницата“. Така кажувале на работа, а нам нѝ кажуваа нешто друго. Не се сеќавам што, ама веќе немам кого да прашам.
Зошто ги напишав овие носталгични зборови за минатото? За да потсетам на еден обичај кој денес е комплетно забатален. На тие наши тогашни слави, родендени, венчавки, крштевки и обични седенки, луѓето пееја песни! На сиот глас и со голем жар. Тие луѓе сме ние, но тешко дека ќе се препознаеме. Денес не сме ни бледа сенка од оние славни песнопојци. Не сте забележале? Денес никој не пее. Море не само што не пее, уста не му се отвора. Така згасна уште една стара поговорка. „Кој пее зло не мисли“. Таа одамна не важи. Штета. Тогашното пеење беше најдобриот чувар на нашето здравје. Вистинска терапија. Катарза, лична и колективна.
Во меѓувреме се случија и други немили настани. Домашната слава ја заменивме со лична. Многу станавме „атлантски Европејци“ и со тивок презир и срам ја заборавивме нашата традиција. Само најупорните домаќини не се откажаа од своите предци и обичаи. Сите останати трчаат по сопствената слава. Стекнуваат популарност под мистериозни околности и критериуми. Живееме во време кога секој е подготвен да даде пет години од својот живот, за само пет минути слава. Кај нас особено е сурово. Му даваш 5 минути, а тој ги развлекува на 50 години. Судбината на славните луѓе е иронична. Цел живот се борат за да станат славни, а во остатокот, носат големи и темни наочари за да сокријат кои се. Така е во сите нарцисоидни култури. И ние сме зацапани во таа болест, ама нас не вадат „специфичности“. Нашиве славни фаци носат темни наочари, за да сокријат кои не се.
Што да се прави? Некој живее во град, некој во село, а друг во заблуда. Таму е најгусто населено. Животот одамна нѝ стана како тегла со слатко, ставена на највисокиот креденец, а ние немаме скали, а ниту баба и дедо. Судирот со реалноста го доживуваме како сообраќајна несреќа. На иднината на песимизмот, гледаме оптимистички.
Сепак, напредуваме. Оваа година празникот на вљубените го прославивме најсвечено. Се заљубивме во себе.