Мачорот Лери денеска го слави својот 15. роденден откако живее во резиденцијата на британскиот премиер на „Даунинг стрит“, бр. 10, и во својата „кариера“ како „прв мачор“ испрати многу британски владини лидери.
Лери пристигна во официјалната резиденција на британскиот премиер, на 15 февруари 2011 година, од Засолништето за кучиња и мачки „Батерси“, првично – со мисија да лови глувци на местото каде што се донесуваат најважните политички одлуки, се наведува неговата Фејсбук-страница. Мачорот има и службено звање на официјалната страница на резиденцијата на премиерот, каде што е претставен како „Главен ловец на глувци“.
Лери секојдневно ги поздравува гостите, „ги тестира“ безбедносните системи, но и квалитетот на мебелот – меѓу своите попладневни дремки, се вели. Инаку, првиот британски премиер кого Лери го испрати е конзервативецот Дејвид Камерон, кој си замина во 2016 година, по, за многумина – изненадувачкиот референдум за Брегзит.
Мачорот потоа беше сведок на превирањата околу одвојувањето на Велика Британија од ЕУ, поради што и Тереза Меј поднесе оставка во 2019 година, па и на скандалот околу непрописните забави што Борис Џонсон ги организирал на „Даунинг стрит“ за време на корона-пандемијата итн.
Лери се запозна и со Лиз Трас, премиерката која мина едвај 49 дена на функцијата во 2022 година. Потоа живееше и со Риши Сунак и неговиот лабрадор, Нова, а од јули 2024 година мачорот е „во служба“ и на лидерот на лабуристите, Кир Стармер.
Домашните мачки обично живеат меѓу 12 и 18 години, но некои единки го достигнуваат и почетокот на третото десеетлетие, со соодветна грижа.