Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) доби уште една битка, откако по Барселона, уште еден шпански гигант, Реал Мадрид рече „НЕ“ на идејата за создавање на т.н. Суперлига.
Еден од најголемите фудбалски клубови во светот, Реал Мадрид постигна договор со УЕФА, со што дефинитивно се стави крај на идејата и приказната за основањето на Суперлигата, за доброто на европскиот клупски фудбал.
– По месеци дискусии, водени во најдобар интерес на европскиот фудбал, УЕФА, Европската клупска асоцијација и Реал Мадрид објавуваат дека се согласиле за принципите во корист на европскиот клупски фудбал, почитувајќи го принципот на спортска заслуга со акцент на долгорочната одржливост на клубот и подобрено искуство на навивачите преку употреба на технологија. Овој договор за принципите ќе послужи и за решавање на нивните правни спорови во врска со Европската Суперлига, откако овие принципи ќе бидат имплементирани и изменети – се вели во соопштението објавено на веб-страниците на УЕФА и Реал Мадрид.
Фудбалската Суперлига, идејата на сопствениците на најбогатите европски клубови, која се роди практично преку ноќ во 2021 година и ја шокираше планетата, беше урната од УЕФА по само 72 часа. И од денес, идејата е официјално згасната.