Денеска во Собранието, Комисијата за финансирање и буџет во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државниот завод за ревизија, организира настан на тема „Зајакнување на парламентарниот надзор преку зголемена соработка меѓу Собранието и Државниот завод за ревизија“.
Во рамки на настанот беше потпишан Донаторски договор за донација на ИТ-опрема помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државниот завод за ревизија, кој го потпишаа амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и Максим Ацевски, главен државен ревизор на Државниот завод за ревизија. Донацијата е наменета за поддршка на модернизацијата и јакнење на оперативните капацитети на Државниот завод за ревизија.
Настанот го отвори Сања Лукаревска, претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, а воведни обраќања имаа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот Килиан Вал и главниот државен ревизор Максим Ацевски, при што беше нагласена важноста на ефективниот парламентарен надзор, улогата на Државниот завод за ревизија во обезбедувањето отчетност и значењето на институционалната и меѓународната соработка во унапредувањето на системот на јавни финансии.
– Како претседател на Собранието, особено ме радува фактот што Собранието на Република Македонија и Државниот завод за ревизија имаат одлична и сè посилна професионална соработка. Со сигурност можам да кажам дека за Собранието, Државниот завод за ревизија не претставува само институција за финансиска контрола, ниту само надзорен орган, туку пред сè партнер кој ни обезбедува веродостојни информации за тоа како се управува со институциите и со ресурсите на граѓаните. – посочи претседателот Гаши.
Покрај соработката со Државниот завод за ревизија, клучна улога има и партнерството со ОБСЕ. Претседателот истакна дека е потребна експертизата на ОБСЕ, која преку проекти, обуки и професионална поддршка ќе овозможи парламентарниот надзор да се практикува ефикасно. Токму затоа, извештаите на ОБСЕ се од исклучителна важност, исто како што е важна и поддршката на ОБСЕ во надминувањето на наодите од тие извештаи.
Амбасадорот Вал, истакна дека ефективниот парламентарен ангажман со наоди од надзор е темел на демократија која функционира добро.
– Надзорната функција на Собранието е ефективна само кога е систематска, базирана на докази и ориентирана кон резултати. Постојаниот ангажман со ревизорските наоди е од суштинско значење за транспарентното управување со јавните ресурси и е во најдобар интерес на граѓаните, изјави амбасадорот Вал.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски во своето обраќање потенцираше дека соработката помеѓу Собранието и Државниот завод за ревизија претставува пример за функционална институционална поврзаност во служба на јавниот интерес. Преку доследно почитување на принципите на независност, професионалност и меѓусебна институционална поддршка, се создаваат услови за понатамошно зајакнување на јавната отчетност и довербата на граѓаните во институциите.
Притоа изрази уверување дека преку континуирана и конструктивна соработка, како и преку систематско следење на реализацијата на ревизорските препораки, ќе продолжи придонесот кон унапредување на финансиското управување и контрола во јавниот сектор, во согласност со најдобрите европски практики и стандарди.
Во продолжение на расправата беа разгледани надзорната улога на Собранието и комисиите, користењето на ревизорските извештаи во парламентарните процедури, предизвиците во следењето на спроведувањето на ревизорските препораки, како и можностите за понатамошно унапредување и формализирање на соработката меѓу Собранието и Државниот завод за ревизија, во насока на јакнење на транспарентноста, отчетноста и јавната доверба во институциите.
Настанот беше заокружен со донесување на заклучоци.