Португалската министерка за внатрешни работи Марија Лусија Амарал поднесе оставка по критиките од опозициските партии и локалните заедници за „бавниот и неуспешен одговор“ на властите на разорната бура Кристин пред две недели.
Кабинетот на претседателот Марсело Ребело де Соуза соопшти дека ја прифатил оставката на министерката на барање на премиерот Луиз Монтенегро откога Амарал изјави дека „веќе нема лични и политички услови потребни за исполнување на оваа улога“.
Монтенегро привремено ќе го преземе ресорот додека не се назначи нов министер, соопшти кабинетот на претседателот.
Бурата Кристин ја зафати централна Португалија на 31 јануари носејќи ветрови со брзина над 200 км/ч и поројни дождови, оштетувајќи илјадници домови, фабрики и клучна инфраструктура, при што животот го загубија најмалку шест лица.
Владата проценува дека ќе бидат потребни повеќе од четири милијарди евра за санирање на штетите.
Оставката на Амарал е прва откога малцинската влада на десниот центар дојде на власт пред околу осум месеци.