Американскиот претседател Доналд Трамп ќе го угости израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа денес, каде што се очекува да се обиде да го убеди да ги прошири разговорите на САД со Иран за да вклучи ограничување на ракетниот арсенал на Иран и други безбедносни закани, објави Ројтерс.
На својата седма средба со Трамп откако американскиот претседател се врати на функцијата пред речиси 13 месеци, Нетанјаху ќе се обиде да влијае на следната рунда разговори на САД со Иран. Претходната се одржа минатиот петок во Оман, во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток.
Трамп се закани дека ќе го нападне Иран ако не се постигне договор, на што Техеран одговори со ветувања за одмазда, поттикнувајќи стравувања од поширок регионален конфликт. Американскиот претседател постојано изразува поддршка за безбедноста на Израел, долгогодишен близок сојузник на САД и заколнат непријател на Иран.
Фокус на Иран
Трамп го повтори своето предупредување во серија интервјуа за медиумите, велејќи дека верува оти Иран сака договор, но ќе направи „нешто многу тешко“ ако биде одбиен. Тој во интервју за порталот „Аксиос“ истакна дека размислува да испрати уште една ударна група на носачи на авиони како дел од масовното зголемување на американските сили во близина на Иран.
Според извори запознаени со ситуацијата, Израел е загрижен дека САД би можеле да бараат тесен нуклеарен договор што нема да вклучува ограничувања на иранската програма за балистички ракети или крај на иранската поддршка за вооружени групи како Хамас и Хезболах.
„Ќе му ги презентирам на претседателот нашите ставови за принципите на преговорите“, им рече Нетанјаху на новинарите пред да замине за САД.
Според еден од изворите, двајцата лидери би можеле да разговараат и за можна воена акција ако американско-иранската дипломатија не успее.
По пристигнувањето во Вашингтон вчера, Нетанјаху се сретна со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, кој го водеше американскиот тим во преговорите со Иран, објави израелскиот амбасадор во Вашингтон, Мајкл Лајтер, на X.
Газа исто така на дневен ред
Газа исто така ќе биде на дневен ред, при што Трамп се обидува да го продолжи договорот за прекин на огнот што го посредуваше. Напредокот во неговиот план од 20 точки за завршување на војната и обнова на опустошената палестинска енклава е во застој, а остануваат големи несогласувања околу сложените чекори што ги предвидува, вклучително и разоружувањето на Хамас додека израелските трупи постепено се повлекуваат.
„Продолжуваме тесно да соработуваме со нашиот сојузник Израел за да го спроведеме историскиот мировен договор на претседателот Трамп за Газа и да ја зајакнеме регионалната безбедност“, рече портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, кога беше прашана за приоритетите на САД за состанокот.
Нуклеарна програма
Посетата на Нетанјаху, првично закажана за 18 февруари, беше побрза поради обновениот ангажман на САД со Иран. Двете страни го поздравија состанокот во Оман минатата недела како позитивен и рекоа дека наскоро се очекуваат понатамошни разговори.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, минатата недела, пред состанокот во Оман, изјави дека преговорите ќе мора да ги опфатат ракетите на Иран, поддршката за милитантните групи и односот на Иран со сопствениот народ.
Иран, кој ја исклучи можноста за ограничување на својата ракетна програма, вели дека разговорите во петокот биле исклучиво за нуклеарни прашања.
Трамп беше нејасен во врска со проширувањето на разговорите. Во вторник, тој за „Аксиос“ изјави дека е „очигледно“ дека секој договор мора да ја опфати нуклеарната програма на Иран, но дека тој, исто така, го разгледува решавањето на прашањето за неговите ракетни залихи.
Иран тврди дека неговите нуклеарни активности се мирни, додека САД и Израел го обвинуваат за претходни обиди за развој на нуклеарно оружје.
Израел се плаши од обновена иранска моќ
Минатиот јуни, САД му се придружија на Израел во нападот врз иранските нуклеарни објекти за време на 12-дневната војна. Израел, исто така, сериозно ја оштети воздушната одбрана и ракетниот арсенал на Иран. Но, според двајца израелски функционери, постојат знаци дека Иран се стреми да ги обнови тие капацитети, што Израел го смета за стратешка закана.
Трамп се закани со воена интервенција минатиот месец за време на крвавото задушување на антивладините протести низ Иран, но на крајот се воздржа.
Регионалното влијание на Техеран е ослабено од нападот на Израел во јуни, нападите врз иранските сојузници – од Хамас во Газа до Хезболах во Либан, Хутите во Јемен и милициите во Ирак – и соборувањето на близок ирански сојузник, поранешниот сириски претседател Башар ал Асад.
Сепак, Израел е претпазлив во врска со можноста неговите непријатели да се опорават откако претрпеа тешки загуби во војната што беше предизвикана од прекуграничниот напад на Хамас врз јужен Израел во октомври 2023 година.