Од 182 земји кај кои е измерен Индексот на перцепција на корупцијата, Транспаренси интернешнал ја рангира Македонија на 84 место.
Во споредба со претходната година кога беше на 88 место, Македонија годинава се помести 4 места погоре.
Во извештајот за 2025 година објавен денеска, 10 февруари, таа доби 40 поени.
Македонија има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро, изјави претседателот на Транспаренси интернешнал-Македонија, Благоја Пандовски.
„Формално сме позиционирани четири места подобро на ранг-листата од минатата година 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро од 4 други држави“, вели Пандовски.
Клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои како што посочуваат од оваа организација, не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем.
Според рангирањето Македонија е во друштво со Бугарија. Полошо од нас се рангирани Босна и Херцеговина која го има 109 место и Србија која со 33 поени падна на 116 место. Од земјите во регионот подобро рангирани се Косово, кое се најде на 76 место и Црна Гора која со 46 поени е на 65 место.
Индексот на перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година покажува дека корупцијата останува сериозна закана во секој дел од светот, иако има ограничени знаци на напредок.
Источна Европа и Централна Азија остануваат едни од регионите со најниски резултати во светот, со широко распространета неказнивост за корупција, водена од лични интереси кои доминираат во повеќето влади и нивните институции.
Во најновиот извештај се наведува дека лидерите мора да дејствуваат за да се справат со злоупотребите на моќта и пошироките фактори што го поттикнуваат овој пад, како што се укинување на демократските контроли и рамнотежа и нападите врз независното граѓанско општество.