Општина Илинден продолжува со вложувања во унапредување на образовниот процес и создавање современи услови за учење за сите ученици. Во таа насока, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, на учениците во СОСУ „Илинден“ им додели 80 смарт таблети.
Оваа активност е дел од заложбите на локалната самоуправа за модернизација на образованието и зајакнување на дигиталните капацитети на
учениците. Со користење на таблетите, учениците ќе имаат можност за полесен пристап до едукативни апликации, дигитални учебници и дополнителни наставни содржини и помагала, со што наставниот процес ќе стане поинтерактивен, поефикасен и прилагоден на современите трендови.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека развојот на дигиталните вештини кај младите е од клучно значење во услови на забрзана дигитализација, потенцирајќи дека Општина Илинден има јасна визија за модерно и квалитетно образование.
Општина Илинден и во иднина ќе продолжи со активности насочени кон унапредување и осовременување на образовниот процес, со цел создавање подобри услови за учење, развој и напредок на младите генерации.