Поранешната обвинителка во Специјално јавно обвинителство, Лејла Кадриу, изнесе сериозни обвинувања за начинот на функционирање на институцијата, наведувајќи директни политички влијанија, финансиски злоупотреби и незаконско постапување во периодот кога СЈО било активно.
Според Кадриу, таа го напуштила СЈО по само два до три месеци од ангажманот, откако главната обвинителка Катица Јанева ѝ соопштила дека „не е тимски кадар“. Како причина за разидувањето, Кадриу наведува дека одбила да работи на предмети засновани на прислушувани разговори за кои, според неа, немало формален прием и попис доставен до СЈО, што го доведувало во прашање нивниот легалитет.
Во делот што се однесува на финансиското работење, Кадриу тврди дека Јанева пред колегите изјавувала:
„Јас сум сега жена од милион долари“, алудирајќи на „вишок“ од околу еден милион евра во буџетот на СЈО, при што, според тврдењата, се барал начин тие средства да се потрошат или распределат, за да не се вратат во државниот буџет.
Кадриу наведува дека во тој период СЈО немало овластен финансиски или сметководствен експерт, а со финансиските прашања се занимавала заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска, која, според изјавата, тврдела дека „се разбира во финансии бидејќи мајка ѝ ја учела“.